Езекиел 40:1-49 MKDB2006 - Bible AI

1 Во дваесет и петтата година по нашето прогонство, во почето­кот на годината во десеттиот ден од месецот, во четиринаесеттата година по разурнувањето на градот, во овој ист ден беше раката Господова врз Мене и Тој ме поведе таму.

2Во виденијата Божји ме поведе Тој во земјата израелска и ме постави на многу висока планина, и на неа откај југ се гледаше нешто како изграден град.

3Ме поведе таму, и, ете, еден маж, кој изгледаше како светол бакар, а во неговата рака ленено јаже и трска за ме­рење, и тој стоеше пред портите.

4И ми рече тој маж: „Сине човечки, гледај со очите и слушај со ушите и сето ова земи го при срце, ова што ќе ти го покажам, бидејќи ти поради тоа и си доведен овде, за да ти го покажам тоа; за сѐ што ќе видиш, извести го домот Израелов.“

5И ете, имаше ѕид околу храмот, а во раката на тој човек трска за мерење од шест лакти, а лакот беше по лакот и дланка, и го измери тој храмот, една трска широчина и една трска височина.

6Потоа отиде кај портите, кои беа поставени кон исток, се искачи по стапалата нивни и измери дека едниот праг од портата беше една трска широ­чина, а другиот праг пак една трска височина.

7И секоја околна соба беше по една трска долга и по една трска широка, а меѓу собите имаше пет лакти и прагот на портите во тремот зад портите беше пак една трска.

8Го измери тој тремот зад портите — пак една трска.

9А тремот пред портите — осум лакти, и столбовите два лакта. Тој трем пред портите беше отстрана на храмот.

10Собите од источната страна кај вра­тите беа три од едната страна и три од другата страна; една мерка имаа сите три и една мерка имаа столбовите од едната и од другата страна.

11Ги измери тој отворите на вратите — тие беа по десет лакти широки, а должината нивна — тринаесет лакти.

12Пред собите имаше од едната и од другата страна ограда од по еден лакот. Тие соби од едната страна имаа шест лакти и од другата страна — шест лакти.

13Потоа ги измери тој вратите од стреата на едната соба до стреата на другата соба — дваесет и пет лакти ши­рочина: врата спроти врата.

14А и столбовите ги измери тој: шее­сет лакти, секој столб околу дворот и при вратите.

15И од предната страна на влезот во вратите до предната страна на внат­решната врата — педесет лакти.

16Решетчести прозорци имаше и во околните соби и кај столбовите нивни однатре кај вратите наоколу; исто така и во тремовите наоколу имаше прозорци од внатрешната страна, а на столбовите — палми.

17И ме одведе тој во надворешниот двор, и, ете, таму — соби, имаше напра­вен под од плочи околу дворот. Триесет соби имаше на тој плочник.

18И тој плочник беше откај страните на вратите, според должината на вра­тите, малку понизок.

19И го измери тој по ширината од долните врати до надворешниот крај на внатрешноста во дворот: сто лакти — кон исток и кон север.

20Ја измери исто така должината и ширината на вратите од надворешниот двор, свртени кон север;

21и при нив околните соби, три од едната страна и три од другата; и столбовите нивни и продолженијата нивни имаа иста мерка како и првите врати — долги по педесет лакти, а широки по дваесет и пет лакти.

22И прозорците нивни и продолженијата нивни и палмите нивни имаа иста мерка, како и вратите, свртени кон ис­ток; а се влегуваше во нив по седум степеника и пред нив имаше уште и про­долженија.

23И во внатрешниот двор, вратата спроти северните и источните врати; и ја измери тој должината од врата до врата — сто лакти.

24И ме поведе кон југ, а таму имаше јужна врата; и ги измери тој столбовите и продолженијата — имаа иста мерка.

25И прозорците во нив и во тремот им беа исто такви како оние прозорци: долги педесет лакти, а широки дваесет и пет лакти.

26Влезот до нив — седум степеника, и тремови имаше пред нив; и украси од палма на столбовите — еден од едната страна и друг од другата страна.

27И во внатрешниот двор имаше јужна врата; ја измери тој должината од врата до врата јужно — сто лакти.

28И ме поведе тој преку јужната вра­та во внатрешниот двор; ја измери јужната врата — иста мерка.

29И собите околни и столбовите нив­ни и тремовите нивни — иста мерка, а имаше и прозорци во нив и во тремо­вите нивни наоколу; сѐ во должина педесет лакти, а широчина — дваесет и пет лакти.

30Тремови имаше наоколу, со должи­на од дваесет и пет лакти и ширина од пет лакти.

31Тремовите беа откај надворешниот двор, а палми имаше на столбовите нив­ни при искачувањето кон нив — осум стапки.

32Ме поведе тој преку источната вра­та во внатрешниот двор и мерката на таа врата беше со иста мерка.

33И собите отстрана, столбовите нивни и тремовите нивни имаа иста мерка; а и прозорци имаше кај нив и во тремовите нивни наоколу; должина — педесет лакти, а ширина дваесет и пет лакти.

34Тремовите нивни беа откај надворешниот двор, а на столбовите нивни имаше палми од едната и од другата страна; искачувањето кон нив — осум степеника.

35Потоа ме одведе пред северната врата, ја измери и таа имаше иста мер­ка.

36Нејзините соби од страна, столбовите нејзини, тремовите нејзини и прозорците во нив, беа наоколу; сето тоа имаше должина педесет лакти и ширина — дваесет и пет лакти.

37Тремовите беа откај надворешниот двор, а на столбовите нивни имаше палми — една од едната страна и друга од другата страна; искачувањето кон нив — осум степеника.

38Имаше исто така соба со влез во неа при столбовите на вратата, таму се миеја жртвите за сепаленици.

39А во тремот пред вратите беа пос­тавени две маси од едната страна и две од другата страна, за да се колат на нив жртвите за сепаленици и жртвите за грев и жртвите за престап.

40И однадвор, откај вратата при влезот, во отворот на северната врата, имаше две маси, и од другата страна до тремот покрај вратата имаше две маси.

41Четири маси од едната страна и четири маси од другата страна, откај страната на вратите; вкупно осум маси, на кои се колат жртвите.

42А имаше и четири маси за пригот­вување на сепалениците — од делкан ка­мен, долги по еден ипол лакот и широ­ки по еден ипол лакот, а високи еден лакот; врз нив се оставаат ножеви за колење на жртвите за сепаленици и на други жртви.

43И куки големи колку една дланка имаше закачени на ѕидовите од зградата наоколу, а на масите го ставаа жртвеното месо.

44Однадвор, кај внатрешната врата, имаше соби за пејачите; во внатреш­ниот двор откај северната врата, една свртена со лицето кон југ, а другата странична јужна врата, свртена со ли­цето кон север.

45И ми рече тој: оваа соба, што е свр­тена со лицето кон југ, е за свеште­ниците што ќе бдеат на стража во храмот.

46А собата што е свртена со лицето кон север — за свештениците, што ќе бдеат на стража кај жртвеникот: тоа се синовите на Садок, кои единствени од синовите Левиеви можат да се приближуваат до Господ за да Му служат.

47Го измери тој дворот: сто лакти долг и сто лакти широк, четириаголен, а пред храмот беше жртвеникот.

48И ме поведе во тремот на храмот, па ги измери столбовите на тремот: по пет лакти од едната страна и пет лакти од другата страна; вратите, пак, беа по три лакти широки, од едната страна и по три лакти од другата.

49Тремот беше долг дваесет лакти и широк единаесет, и искачувањето кон него десет степеника; имаше и потпори кај столбовите: една од едната страна и друга од другата страна.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>