Еремија 13:1-27 MKDB2006 - Bible AI

1Вака ми рече Господ: „Оди и купи си ленен појас и опаши се со него, но не клавај го во вода.“

2Јас си купив појас, како што рече Господ, и го препашав крстот свој.

3И беше упатено слово Господово до мене по вторпат, и ми беше речено —

4„Земи го појасот, што го купи, и кој ти е на крстот твој, па стани и оди до потокот Перат и сокриј го таму во не­која камена пукнатина.“

5Јас отидов и го сокрив кај Перат, како што ми заповеда Господ.

6А штом изминаа повеќе дни, Господ ми рече — „Стани, оди кај Перат и земи го оттаму појасот, за кој ти бев запо­ведал да го сокриеш таму.“

7И јас отидов до Перат, ископав и го зедов појасот од местото, каде што го бев сокрил, а тоа — појасот беше изгнил и станал веќе неупотреблив.

8И беше упатено слово Господово до мене:

9„Вака вели Господ: ќе ја скршам гордоста на Јуда, и големата гордост на Ерусалим.

10Тој лош народ, кој не сака да ги слу­ша зборовите Мои, живее според тврдокорното срце свое и оди по други богови, за да им служи и да им се поклонува, па ќе биде како овој појас, кој не чини за ништо.

11Зашто, како што појасот се при­лепува до крстот на човекот, така и Јас го прилепив до Себе сиот Израел и сиот Јудин дом, вели Господ, за да бидат Мој народ и Моја слава, похвала и украс, но тие не послушаа.“

12Затоа, кажи им го овој збор: „Вака вели Господ, Бог Израелов — секој мев за вино се полни со вино. Тие ќе ти ре­чат: зар ние не знаеме дека секој мев за вино се полни со вино?

13А ти кажи им: еве што вели Господ — Јас ќе ги наситам со вино до опивање сите жители на таа земја, и царевите, кои седат на Давидовиот престол, и свештениците, и пророците и сите еру­салимски жители,

14и ќе ги судрам еден со друг, тат­ковците со синовите заедно, вели Гос­под; нема да ги поштедам, нема да ги помилувам, нема да зажалам што ќе ги истребам.“

15Слушајте и внимавајте; немојте да бидете горди, зашто Господ зборува.

16Подајте Му слава на Господ, ва­шиот Бог, додека Тој сѐ уште не ис­пратил темнина и додека сѐ уште нозе­те ваши не се сопнуваат по темни гори; тогаш ќе очекувате светлина, а Тој ќе ја претвори во смртна сенка и ќе ја на­прави темнина.

17Ако, пак, не го послушате тоа, душата моја скришно ќе плаче поради вашата гордост, ќе плаче горко, и очите мои солзи ќе леат; бидејќи стадото Господово ќе биде во плен одведено.

18Кажи им на царот и на царицата: „Понизете се, седнете пониско, зашто ќе паднат од главите ваши венците на вашата слава.“

19Јужните градови се затворени и нема кој да ги отвори; цел Јуда во ропство се одведува заедно со сиот плен.

20Кренете ги очите и погледајте ги оние што идат од север: каде е стадото, што ти беше дадено, убавото стадо твое?

21Што ќе речеш, ќерко Сионова, кога ќе те посети Тој? Ти сама ги научи да господарат над тебе: нема ли да те стегнат болки како жена кога раѓа?

22Ако речеш во срцето свое: „Зошто ме снајде ова?“ — па, поради многуте твои беззаконија, скутовите ти се разголија и насилство над тебе извршија.

23Може ли Етиопјанец да ја смени ко­жата своја и леопардот — дамките свои? Па така и вие, можете ли да правите доб­ро, кога сте свикнати да вршите зло?

24Затоа ќе ги развеам како прав, ќе ги разнесам со пустински ветар.

25Ете ја твојата ждрепка, делот што сум ти го одмерил, вели Господ, бидејќи ти Ме заборави и се потпираше на лагата.

26Затоа, Јас самиот ќе те разголам, за да се види срамотијата твоја.

27Го видов твоето прељубодејство и твоите бесни похоти и гнасотии по ви­сочинките и по полињата; тешко тебе, Ерусалиме; зар нема да се очистиш? И до кога тоа ќе биде така?

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>