1ⓨИ ми рече Господ: да беа застанале пред лицето Мое дури Мојсеј и Самоил, душата Моја пак немаше да се приклони кон тој народ; избркај ги од пред лицето Мое, нека си одат.
2ⓩАко, пак, те прашаат: „Каде да одиме?“ — кажи им: вака вели Господ — кој е за смрт, нека оди во смрт: и кој е за меч — под меч; кој е, пак, за глад — на глад; и кој е за ропство — во ропство.
3ⓐИ ќе испратам врз нив четири вида смрт, вели Господ: меч за да ги убива, кучиња, за да ги раскинуваат, небески птици, и полски ѕверови, за да ги изедуваат и истребуваат.
4ⓑИ ќе направам да се ужасуваат од нив сите земни царства заради она што го изврши Манасија, синот на Јудејскиот цар Езекија, во Ерусалим.
5ⓒЗашто, кој ќе те пожали, Ерусалиме, кој ќе ти изјави сочувство, и кој ќе наврати до тебе, за да те праша добро ли ти е?
6ⓓТи Ме остави, вели Господ, отстапи; затоа, ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те погубам; се уморив, простувајќи ти.
7Јас ќе ги одвеам со вејачка пред портите на земјата, ќе ги лишам од деца, ќе го сотрам Мојот народ; но тие нема да се вратат од своите патишта.
8ⓔЌе има кај нив вдовици многу повеќе од морскиот песок; ќе испратам врз нив, врз мајката на младите, уништувач попладне, ненадејно ќе ги опфати страв и ужас.
9Ќе изнемогне онаа што лежи, која родила седум, ќе го предава духот; уште во текот на денот ќе зајде сонцето нејзино; таа е смутена и посрамена. И останатите ќе ги предадам на меч пред очите на нивните непријатели, вели Господ.
10ⓕТешко мене, мајко моја, зошто ме роди човек, кој се расправа и се кара со целата земја! Никому не сум давал со лихва и мене никој не ми давал, а сите ме проколнуваат.
11Господ рече: крајот ќе ти биде добар, и Јас ќе го присилам непријателот твој да постапува со тебе добро во времето на бедата и за време на жалоста.
12Може ли железо да се скрши, северно железо и бакар?
13Твојот имот и твоите богатства ќе ги предадам на разграбување, без цена, заради сите твои гревови, во сите твои предели.
14И ќе те одведам со непријателите твои во земја, што не ја познаваш; зашто оган се разгоре од Мојот гнев, ќе гори над вас.
15ⓖО Господи! Ти сѐ знаеш; сети се за мене и посети ме, и одмазди се за мене на моите гонители; според Својата трпеливост, не погубувај ме; Ти знаеш дека заради Тебе поднесувам потсмев.
16ⓗГи најдов зборовите Твои и ги проголтав; Твоето слово ми беше за радост и веселба на срцето мое; зашто името Твое е призивано врз мене, Господи Боже Саваот.
17Не, во друштво со подбивачи не сум се веселел: со Твојата тешка рака врз мене седев сам, бидејќи Ти ме разнесе со јарост.
18ⓘЗошто е толку долготрајна болката моја, и раната моја е толку неизлечива, и никако да се залечи? Зар Ти ќе бидеш за мене како лажлив извор, како неверна вода?
19Затоа, вака рече Господ: ако се обратиш, ќе те поставам пак на нозе и ќе стоиш пред лицето Мое; и, ако го одвоиш скапоценото од безвредното, ќе бидеш како Моја уста. Тие сами ќе се свртуваат кон тебе, а не ти да се обраќаш кон нив.
20ⓙИ за тој народ ќе те направам силен бронзен ѕид; тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат, бидејќи Јас сум со тебе, за да те спасувам и да те избавувам, вели Господ.
21И ќе те спасам од рацете на злодејците и ќе те избавам од рацете на насилниците.