Еремија 18:1-23 MKDB2006 - Bible AI

1Слово Господово што дојде до Еремија:

2стани и слези во домот на грнчарот, и таму ќе ти ги кажам зборовите Мои.

3Слегов во домот на грнчарот, а тој ја вршеше својата работа на тркалото.

4Садот, пак, што го правеше грн­чарот од глина, се растури во рацете не­гови. Но тој одново направи од него друг сад, како што му падна на ум да направи.

5И дојде слово Господово до мене:

6доме Израелов, не можам ли да пос­тапам со вас како овој грнчар? — рече Господ. Ете, како што е глината во ра­цете на грнчарот, тоа сте и вие во раце­те Мои, доме Израелов.

7Понекогаш велам Јас за некој народ и царство дека ќе го искоренам, ќе го згазам и погубам;

8но, ако тој народ, врз кого сум го изрекол тоа се поврати од лошите свои дела, Јас го одлагам злото, што сум на­мислил да го направам.

9А понекогаш велам за некој народ и некое царство дека ќе ги подигнам и ќе ги зацврстам;

10но, ако тој народ врши зло пред очите Мои и не го послуша гласот Мој, ќе го повлечам доброто, со кое сум намислил да го дарувам.

11Па така, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски: вака вели Господ — еве, Јас ви подготвувам зло и смислувам нешто против вас; затоа повратете се секој од својот лош пат и исправете ги патиштата свои и постапките свои.

12Но тие велат: „Не надевај се; ние ќе си живееме како што сакаме и секој од нас ќе постапува според своето закоравено зло срце.“

13Затоа вака вели Господ: распра­шајте се меѓу народите, дали чул некој нешто слично? Многу гнасни дела из­врши Израеловата девојка.

14Ги напушта ли леванонскиот снег планинските карпи, и секнуваат ли по други места течните студени води?

15А Мојот народ Ме остави; кади на суети, се сопнува на своите патишта, ги остава старите патишта, за да оди по патеки, по непрооден пат,

16за да ја направи земјата своја ужас, вечен срам, така што секој што ќе ми­нува преку неа да се чуди и да мавта со главата.

17Како источен ветар ќе ги распрснам пред непријателот; со грбот, а не со ли­цето Свое ќе се свртам кон нив во денот на нивната неволја.

18А тие рекоа: „Дојдете да направиме заговор против Еремија; зашто нема да исчезне законот на свештеникот и советот на мудриот и зборот на пророкот, дојдете да го убиеме за да не ги слуша­ме веќе неговите зборови.“

19Послушај ме, Господи, и чуј што говорат моите противници.

20Треба ли да се враќа зло за добро? А тие ми копаат јама за душата моја. Сети се дека стоев пред лицето Твое, за да зборувам добро за нив, за да го од­вратам од нив гневот Твој.

21И така, предај ги синовите нивни на глад и направи да загинат од меч; же­ните нивни да немаат деца и да станат вдовици, мажите нивни да умираат, а младинците нивни да бидат убивани во бој.

22Нека се слуша пискот од куќите нивни, кога ненадејно ќе им испратиш чета насилници; зашто тие ископаа ја­ма, за да ме фатат, и тајно поставија замка за нозете мои.

23Но Ти, Господи, им ги знаеш сите нивни сплетки против мене, за да ме убијат; не проштевај ги неправдите нивни, и не бриши го гревот нивни, пред лицето Свое; нека попаѓаат пред Тебе; пресметај се со нив додека си гневен.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>