Еремија 2:1-37 MKDB2006 - Bible AI

1И пак беше упатено словото Господово до мене:

2„Оди и извикај во ушите на Еру­салим — вака вели Господ: ‚се сеќавам на посветеноста во младоста твоја, на твојата љубов, кога како невеста тргна по Мене во пустината, во незасеана земја.‘

3Израел му беше светиња на Господ, првина од плодовите Негови: сите, што јадеа од нив, биваа осудувани, ги стиг­нуваше зло,“ вели Господ.

4Чујте го словото Господово, доме Ја­ковов и сите родови на домот Израелов!

5Вака вели Господ: „Каква неправда најдоа во Мене татковците ваши, та се оддалечија од Мене, ја прифатија суетата и станаа суетни?

6И не рекоа: ‚каде е Господ, Кој нѐ изведе од египетската земја, нѐ водеше по пустината, по земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на смртна сенка, по која никој не одел и во која никој не живеел?‘

7А кога ве воведов во земја плодород­на, за да се храните од плодовите неј­зини и од добрата нејзини, вие влеговте и ја осквернивте земјата Моја, и сопственоста Моја ја направивте гадотија.

8Свештениците не рекоа: ‚каде е Господ?‘ И учителите на законот не Ме познаа, и пастирите се одметнаа од Ме­не, и пророците пророкуваа во името на Ваал и одеа по оние, кои не помагаат.

9Затоа Јас уште ќе се судам со вас, вели Господ, и со синовите на вашите синови ќе се судам.

10Затоа отидете на бреговите на Ки­тим и разгледајте, и испратете во Кедар и испитајте сесрдно и видете: станувало ли таму нешто слично на тоа?

11Ги променил ли некој народ бого­вите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше Славата своја за она што не помага.

12Чудете се на тоа, небеса, стресете се и грозете се, вели Господ.

13Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода.

14Зар Израел е слуга? Или е слуга домородец? Зошто така стана плен?

15Зарикаа против него млади лавови, нададоа рик и ја направија земјата негова пустелија; градовите негови му се изгорени, никој не живее во нив.

16И синовите на Мемфис и Тафнис те познаа и ти го избричија темето.

17Не си го направи ли тоа сам, оставајќи Го твојот Господ Бог во она време, кога Тој те водеше по патот?

18И сега, што бараш во Египет да пиеш вода од Нил? И зошто да одиш во Асирија за да пиеш вода од реките нејзини?

19Ќе те казни отстапувањето твое, и злобата твоја ќе те обвини: и така по­знај и размисли, колку е лошо и гор­чливо што Ме остави, вели твојот Гос­под Бог, што кај тебе нема страхопочит, вели Господ, Бог Саваот.

20Зашто одамна го скрши јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: — Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли.

21Јас те посадив како благородна лоза — најчисто семе; а како Ми се претвори во див ластар од туѓа лоза?

22Затоа, макар и да се измиеш со сапун и да употребуваш многу пепелница, — твоите беззаконија ќе се покажат пред Мене, вели Господ Бог.

23Како можеш да кажеш: ‚Јас не се осквернив, и не одев по Ваал?‘ Загледај се во патиштата твои во долината, и увиди што правеше ти, бујна камило, која трча наваму натаму?

24Кој може да скроти дива магарица навикната на пустина, која со страст во душата дише забрзано? Сите, што ја бараат, нема да се уморат: во месецот нејзин ќе ја најдат.

25Не дозволувај им на нозете свои да се боси, и на грлото твое — да се мачи од жед. Но ти рече: ‚Ништо од тоа, зашто ги сакам туѓинците и по нив ќе одам.‘

26Како што крадец, кога ќе го фатат, се посрамува, — така ќе се посрами Израеловиот дом: царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни и пророците нивни, —

27кои на дрвото му велат: ‚ти си мој татко‘, и на каменот: ‚ти ме роди‘; за­што тие Ми свртеа грб, а не лице; а во време на неволји велат: ‚стани и спаси нѐ!‘

28Каде се, пак, твоите богови, што сам си ги направил? Нека станат тие, ако можат — да те спасат во време на твојата неволја; зашто, колку градови имаш, о, Јудо, толку и богови имаш!

29Зошто се жалите кај Мене? Сите вие се одметнавте од Мене,“ вели Гос­под.

30Напразно ги ударав децата ваши: тие не се вразумија; вашиот меч како истребувачки лав ги јадеше пророците ваши.

31О роде, чујте го словото Господово: „Јас ли бев пустина за Израел, Јас ли бев земја неплодна? А зошто Мојот на­род вели: ‚Слобода сакаме, нема повеќе да доаѓаме кај Тебе!?‘

32Го заборава ли девојката украсот свој, и невестата — накитот свој? А Мо­јот народ Ме заборави — има веќе без­број дни.

33Како лукаво ги насочуваш ти па­тиштата свои, за да придобиеш љубов­ници, та дури и непристојните жени ги научи на тоа!

34По твоите поли има крв од бедните, невини луѓе; иако не ги фати да прова­луваат! И покрај тоа,

35велиш: ‚невина сум, гневот Негов ќе се одврати од мене.‘ — Ете, Јас ќе се судам со тебе, затоа што велиш: ‚не згрешив‘.

36Зошто толку многу скиташ, менувајќи го патот свој? Ќе бидеш посрамена и од Египет, како што беше посрамена од Асирија;

37и од него ќе излезеш со рацете на глава, зашто Господ ги отфрли оние на кои ти се надеваш и со нив нема да имаш успех.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>