Еремија 20:1-18 MKDB2006 - Bible AI

1Кога Пашхур, синот Имеров, свештеник и надзорник во домот Господов, чу дека Еремија ги изговорил тие пророчки зборови,

2го фати пророкот Еремија и нареди да го бијат и да го врзат за столбот на срамот, што беше до горните порти Ве­нијаминови кај домот Господов.

3Но утредента Пашхур го ослободи Еремија, а Еремија му рече: „Господ те нарече не Пашхур, туку ‚Ужас отсе­каде‘!

4Зашто вака рече Господ: еве, ќе те направам ужас за тебе самиот и за сите твои пријатели, и ќе паднат во бој од непријателите свои и очите твои ќе го видат тоа. И сите Јудејци ќе ги преда­дам во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе ги одведе во Вавилон и ќе ги убие со меч.

5И ќе го продадам сето богатство на тој град, сиот имот негов и сите негови драгоцености; и сите ризници на царевите јудејски ќе ги дадам на неговите непријатели, што ќе ги разграбаат, ќе ги земат и ќе ги однесат во Вавилон.

6И ти Пашхуре, и сите што живеат во твојата куќа, ќе отидете во ропство; ќе отидеш во Вавилон, таму ќе умреш и таму ќе бидеш погребан, та и сите твои пријатели, на кои лажно им пророкуваше.“

7Господи, ти ме надви, и јас сум надвиен; Ти си посилен од мене и ме победи, а јас секој ден станувам за потсмев, секој се шегува со мене.

8Затоа, штом ќе почнам да зборувам, зборувам за насилство, зборувам за ра­зорување, бидејќи словото Господово стана за мене поруга и секојдневен пот­смев.

9Па си реков: нема веќе да спомнувам за Него, ниту ќе зборувам во Негово име; но во срцето како да имам распа­лен оган, затворен во коските мои, и се измачував да го задржам — но не можев.

10Бидејќи слушав клевети од мнозина, ужаси насекаде! Пријавете го, и ние ќе го обвиниме. Сите, што живееја со мене во мир, сега ме демнат, нема ли некаде да погрешам: „Можеби, велат, тој ќе се улови, и ние ќе го победиме и ќе му се одмаздиме.“

11Но со мене е Господ како страшен јунак; затоа моите гонители ќе се сопнат и нема да ме победат; многу, многу ќе се засрамат, зашто ќе бидат пора­зени; срамот ќе биде вечен, нема никогаш да биде заборавен.

12Господи на силите, Ти го испитуваш праведникот и ја гледаш утробата и срцето негово. Дозволи да ја видам од­маздата Твоја над нив, зашто Тебе Ти го доверив делото свое.

13Пејте Му на Господ, фалете Го Гос­пода, зашто Тој ја спасува душата на бедниот од рацете на злодејците.

14Проклет да е денот во кој се родив; денот, во кој ме роди мојата мајка, нека не е благословен!

15Проклет да е човекот кој ја пренесе веста до татко ми и му рече: „Ти се роди син“ и со тоа многу го зарадува.

16И со тој човек да стане она што ста­на со градовите кои Господ ги разруши и не ги пожали; нека слуша тој пискот наутро и напладне — плач,

17затоа што не ме уби уште во утробата, така што мајка ми да станеше мој гроб и утробата нејзина да останеше вечно бремена.

18Зошто излегов од утробата, за да гледам маки и таги и дните свои да ги минам во срам?

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>