1Вака вели Господ: слези во домот на царот Јудин, и искажи го таму ова слово,
2ⓧпа кажи: чуј го словото Господово, царе јудејски, ти, кој седиш на Давидовиот престол, ти и твоите слуги и луѓето твои, кои влегуваат низ овие порти.
3ⓨВака вели Господ: извршувајте суд и правда и спасувајте го угнетуваниот од рацете на угнетувачот и не притеснувајте го придојдениот, како ни сиракот ни вдовицата, и не проливајте невина крв на ова место.
4Зашто, ако го исполнувате ова слово, низ портите на овој дом ќе влегуваат цареви, кои ќе седат наместо Давид на престолот негов, кои ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и слугите нивни и луѓето нивни.
5Ако, пак, не ги послушате овие зборови, жив сум Јас, вели Господ, дека овој дом ќе запусти.
6ⓩЗашто, така вели Господ за домот на јудејскиот цар: ти си за Мене Галаад и леванонски врв; но Јас ќе направам од тебе пустина, и градовите твои ќе станат ненаселени;
7ⓐи ќе повикам против тебе истребители, секој со своето оружје — и тие ќе ги исечат твоите најубави кедри и ќе ги фрлат во оган.
8ⓑИ многу народи ќе минуваат низ овој град и ќе се прашуваат еден со друг: „Зошто Господ така постапи со овој голем град?“
9ⓒИ ќе си одговорат — „Зашто тие го оставија заветот на Господ, нивниот Бог, и се поклонија на други богови и ним им служеа.“
10ⓓНе плачете за умрениот[1] и не жалете за него; туку горко плачете за оној, што оди во ропство, зашто тој веќе нема да се врати и нема да го види својот роден крај.
11Зашто вака вели Господ за Селум[2], синот на јудејскиот цар Јошија, кој царуваше по татко си Јошија, и кој излезе од тоа место: тој веќе нема да се врати во него,
12Но ќе умре таму, каде што го одведоа како роб, и нема веќе да ја види оваа земја.
13ⓔТешко му на оној, кој гради своја куќа со неправда, и свои соби — со беззаконие, кој го присилува ближниот свој да му работи без награда и не му дава плата,
14кој вели — ќе си направам голема куќа и широки соби, и кој отвора прозорци, ги обложува со кедар и ги бојадисува со црвена боја.
15Мислиш ли дека си цар, затоа што си се оградил со кедар? Татко ти јадеше и пиеше, но вршеше суд и правда, па затоа му беше добро.
16ⓕТој го бранеше правото на бедниот и на сиромавиот, и затоа му беше добро. Зар не значи тоа дека некој Ме познава? — вели Господ.
17ⓖНо твоите очи и твоето срце се свртени само кон корист за себеси и кон пролевање невина крв, за да угнетуваш и присилуваш.
18ⓗЗатоа, вака вели Господ за Јоаким, синот на јудејскиот цар Јошија: нема да го оплакуваат — „О брате!“ и „О сестро!“, нема да го оплакуваат: „О господаре!“ и „О негово величие!“
19ⓘКако магаре тој ќе биде погребан; ќе го изнесат и ќе го фрлат далеку од ерусалимските порти.
20Качи се на Ливан и извикај, подигни го гласот свој на Башан и викни од Аварим, зашто погубени се сите твои пријатели.
21Јас ти зборував, кога ти беше добро, но ти рече: нема да послушам. Такво беше твоето поведение уште од младоста, ти не го слушаше гласот Мој.
22ⓙСите твои пастири ветар ќе ги одвее, а пријателите твои во ропство ќе отидат и тогаш ти ќе бидеш посрамен и понижен за сите твои злодела.
23ⓚТи, кој живееше на Ливан и си свил гнездо во кедрите, колку ли ќе офкаш, кога ќе те постигнат болки, како кај породилка!
24Се колнам во Својот живот, вели Господ: да ми беше јудејскиот цар Конија, синот на Јоаким, прстен на десната рака Моја, и оттаму ќе те откинам,
25и ќе те предадам во рацете на оние, кои ја бараат душата твоја, и во рацете на оние, од кои се плашиш, во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор и во рацете на Халдејците.
26ⓛПа ќе те исфрлам тебе и твојата мајка, која те родила, во туѓа земја, каде што не сте се родиле, и таму ќе умрете.
27А во земјата, каде што душата нивна ќе копнее да се врати, таму нема да се вратат.
28ⓜ„Зар тој човек, Конија, е презрено суштество, отфрлен и несакан сад, та тој и племето негово беа фрлени во земја што не ја познавале?“
29О, земјо, земјо, земјо, чуј го словото Господово!
30ⓝТака вели Господ: запишете го овој човек како лишен од деца, како човек со злочести дни, зашто никој од племето негово веќе нема да седи на престолот Давидов и нема да владее во Јудеја.