1ⓑАко сакаш да се обратиш, Израеле, вели Господ, обрати се кон Мене; и ако ги отклониш гадотиите од пред Моето лице, и престанеш да скиташ,
2ⓒи ако се заколнеш: вистински верно и праведно: жив е Господ, тогаш народите ќе бидат благословени и со Него ќе се фалат.
3ⓓЗашто вака им вели Господ на луѓето од Јудеја и од Ерусалим: изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње.
4ⓔОбрезете се заради Господ и симнете го крајчето од срцето свое, луѓе Јудини и ерусалимски жители, за да не се јави Мојот гнев како оган и да не пламне неизгасливо поради вашите злодела.
5ⓕОбјавете во Јудеја, и разгласете во Ерусалим, говорете и трубете со труба по земјата; викајте силно и велете: соберете се, и да влеземе во утврдените градови.
6Кренете го знамето кон Сион — бегајте, не запирајте се, зашто Јас ќе донесам од север зло и голема погибел.
7ⓖИзлегува лав од својот честар, тргнува истребителот на народите: тој излегува од местото свое, за да ја направи земјата твоја пустина, градовите твои ќе бидат сосипани, ќе останат без жители.
8ⓗЗатоа опашете се со вреќиште, плачете и ридајте: јароста на Господовиот гнев не се одврати од нас!
9И во тој ден, вели Господ, ќе замре срцето на царот и срцето на кнезовите, ќе се ужаснат свештениците и ќе се вчудоневидат пророците.
10И реков: „О, Господи Боже, зар Ти само го лажеше овој народ и Ерусалим кога велеше: ‚мир ќе има кај вас‘; а, меч допре до гушата?“
11ⓘВо тоа време ќе му биде речено на тој народ и на Ерусалим: топол ветар дува од пустинските височини врз патот на ќерката на Мојот народ, не за да вее, ниту да очистува.
12И оттаму ќе дојде ветар посилен од овој, и Јас ќе искажам суд над нив.
13ⓙЕте, се крева тој како облак, и колите му се како виор, коњите му се побрзи од орли; тешко ним! Зашто ќе бидат сосипани!
14ⓚИзмиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш: до кога ќе борават во тебе злосторнички мисли?
15Зашто веќе се разнесува глас од Дан, и погибелна вест — од Ефремовата Гора:
16јавете им на народите, известете го Ерусалим дека идат од далечна земја опсадувачи и со викања ги заземаат градовите на Јудеја.
17„Како чувари на нивите го оградуваат од сите страни, зашто тој се крена против Мене, вели Господ.
18ⓛТоа ти го направија твоите патишта и делата твои; од твојата нечесност ти е толку горчливо, што допира до срцето твое.“
19ⓜ„Утробо моја! Утробо моја! Нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам; зашто ти слушаш, душо моја, звук од труба, боен повик.
20ⓝЗло по зло, целата земја се опустошува, ненадејно беа соборени шаторите мои, за миг — колибите мои.
21До кога ќе гледаме знаме, и ќе слушаме трубен звук?
22ⓞТоа произлегува оттаму, што водачите на Мојот глупав народ не Ме познаваат: тие се безумни синови, и нема во нив расудување: вешти се за зло, но не умеат да вршат добро.
23Ја гледам земјата — и ете, таа е разорена и пуста, — небесата, и нема на нив светлина.
24ⓟГи гледам горите — и ете, тие треперат, и сите ридови се нишаат.
25Гледам — и ете, нема човек и сите небески птици одлетале.
26ⓠГледам — и ете, плодното поле е пустина, и сите негови градови се сосипани од лицето Господово, од јароста на гневот Негов.
27Зашто вака рече Господ: — целата земја ќе биде опустошена, но целосно истребување нема да извршам.
28ⓡЌе заплаче земјата поради тоа, и небесата ќе се затемнат, зашто Јас реков, Јас решив, и нема да се покаам, ниту ќе отстапам од тоа.
29Од викот на коњаници и на стрелци ќе се разбегаат сите градови: тие ќе отидат во густи шуми и ќе се искачат на карпи; сите градови ќе бидат напуштени, и во нив никој нема да живее.
30ⓢА ти, опустошена, што ќе правиш? Макар и да се облекуваш во пурпур, и да се украсуваш со златни накити, да си ги украсуваш со боја очите свои — залудно ќе се украсуваш: те презираат љубовниците твои — душата ти ја бараат.
31ⓣЗашто Јас слушам глас како од жена при породување, стенкање како на прворотка, глас на ќерката Сионска; таа стенка, протегајќи ги рацете: о, тешко мене, душата моја примира пред убијците!“