Еремија 42:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Потоа дојдоа сите војводи и Јоханан, синот на Кареах, и Аза­рија, синот на Хошаја, и сиот народ, од мало до големо.

2И му рекоа на пророкот Еремија: „Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нѐ гледаат твоите очи,

3па твојот Господ Бог да ни го по­каже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.“

4И им рече пророкот Еремија: „Ве чув, ќе Му се помолам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сѐ, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.“

5Тие му рекоа на Еремија: „Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа дека ние ќе направиме сѐ што твојот Господ ќе заповеда за нас;

6добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, кај Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господ, нашиот Бог.“

7По десет дни дојде слово Господово до Еремија.

8Тој го повика кај себе Јоханан, синот на Кареах, сите со него војводи и сиот народ — од мало до големо,

9па им рече: вака вели Господ, Бог Израелов, до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба:

10„Ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за несреќата, што ви ја направив.

11Не плашете се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака.

12И ќе покажам милост кон вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја.

13Ако, пак, речете: ‚не сакаме да жи­вееме во оваа земја‘ и не го послу­шате гласот на Господ, вашиот Бог, велејќи:

14‚не, туку ќе отидеме во земјата египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме, таму ќе живееме‘,

15тогаш чујте го сега словото Госпо­дово, вие, остатокот од Јуда: вака вели Господ Саваот, Бог Израелов: ако го свртите лицето свое, за да отидете во Египет, и отидете таму, за да се насе­лите,

16тогаш мечот, од кој се плашевте, ќе ве стигне таму, во земјата египетска, и гладот, од кој се боевте, секогаш ќе ве следи во Египет, и таму ќе умрете.

17И сите, што ќе го свртат лицето свое да отидат во Египет и таму да жи­веат, ќе умрат од меч, од глад и од по­мор, и ниеден од нив нема да остане и нема да побегне од несреќата што ќе ја пратам врз нив.

18Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: како што се излеа гневот Мој и јароста Моја врз жителите еру­салимски, така ќе се излее јароста Моја врз вас, кога ќе влезете во Египет, и ќе станете за проклетство и за ужас, за по­руга и за укор, и нема повеќе да го ви­дите ова место.

19Господ ви зборува вам, остатоци Ју­дини: не одете во Египет; знајте дека ви сведочам јас.

20Зашто вие згрешивте против сами­те себеси — вие ме пративте пред Господ, нашиот Бог, и ми рековте: Помоли се за нас на Господ, нашиот Бог, а сѐ што ќе каже Господ, нашиот Бог, кажи ни, и ние ќе извршиме.

21И еве, кога ви го кажав денес тоа, вие не го послушавте гласот на Господ, нашиот Бог, и сето она, со кое ме прати Тој до вас.

22Па така, знајте дека ќе умрете од меч, од глад и од помор во она место каде што сакате да појдете за да жи­веете таму.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>