Еремија 5:1-31 MKDB2006 - Bible AI

1Поминете по ерусалимските улици, погледајте, испитајте и побарајте по плоштадите негови, ќе најдете ли човек кој пази правда, кој ја бара вистината? — за да му простам на Ерусалим.

2Макар и да велат: жив Господ! Но тие лажно се колнат.

3О, Господи, Твоите очи нели се свр­тени кон вистината? Ти ги удираш, а тие не чувствуваат болка; Ти ги истребуваш, а тие не сакаат да се вразумат; ги направиле лицата свои поцврсти од камен — не сакаат да се обратат.

4Па си реков: — тоа се, можеби, сиромаси; тие се глупави, зашто не го знаат патот Господов, законот на својот Бог.

5Ќе одам кај големците и ним ќе им зборувам, зашто тие го знаат патот Господов, законот на својот Бог. Но и тие сите го скршија јаремот, ги раскинаа веригите.

6Поради тоа лав од шумата ќе ги погуби, пустински волк ќе ги истреби, леопард ќе ги демне крај градовите нив­ни: кој ќе излезе од нив ќе биде раскинат; зашто се намножија престапите нивни, се засилија отстапувањата нив­ни.

7Како да ти го простам тоа? Твоите синови Ме оставија и се колнат во оние, што не се богови. Јас ги наситував, а тие вршеа прељуба и навалуваа во ку­ќите на блудниците.

8Тие се како угоени коњи: секој од нив 'ржи по жената на ближниот свој.

9Зар да не казнам поради тоа — вели Господ; а душата Моја нема ли да од­мазди на таков народ, како овој?

10Качувајте се на ѕидиштата негови и урнувајте ги, но не до крај; уништете ги нивните лозници, зашто тие не се Гос­подови;

11зашто домот Израелов и домот Ју­дин постапија спрема Мене многу веро­ломно, вели Господ;

12тие излагаа против Господ и рекоа: „Не, зло нема да нѐ снајде, и ние нема да видиме ни меч, ни глад.“

13И пророците се ветар, и слово Гос­подово нема во нив, врз нив самите нека се збидне тоа.

14Поради тоа вака вели Господ, Бог Саваот: затоа што говорите такви збо­рови, ете, Јас ќе ги направам Моите зборови во устата твоја оган, а овој народ — дрва, и овој оган ќе ги проголта.

15Ете, ќе доведам против вас, доме Израелов, народ оддалеку, вели Господ, народ силен, народ одамнешен, народ, чиј јазик не го знаеш, и нема да разбираш што ќе ти зборува.

16Торбата за стрели му е како отво­рен гроб; сите тие се одбрани јунаци.

17И ќе ја изедат жетвата твоја и лебот твој, ќе ги изедат синовите твои и ќер­ките твои, ќе ги изедат овците твои и воловите твои, ќе го изедат лозјето твое и смоквите твои; ќе ги разрушат со меч утврдените градови твои, на кои ти се надеваш.

18Но и во тие дни, вели Господ, нема да ве истребам сосема.

19И кога ќе ве прашуваат: „Зошто нашиот Господ Бог ни го прави сево ова?“ Вие ќе им одговорите: „Бидејќи Ме оставивте и им служите на туѓи богови во своја земја, затоа ќе служите на туѓинци во туѓа земја.“

20Објавете го тоа во домот Јаковов, разгласете во Јудеја, велејќи:

21чуј го ова, народе безумен и неразумен, кој имаш очи, а не гледаш, имаш уши, а не слушаш:

22од Мене ли не се плашите, вели Господ, пред Мене ли не треперите? Јас ставив песок како граница на морето, за вечна меѓа, која нема да премине; и макар што брановите негови ќе надојдат, но не ќе можат да се прелијат; макар што се упорни, но не ќе можат да го префрлат.

23А овој народ има упорно и непокор­но срце; тие отстапија и заминаа.

24И не рекоа во срцето свое: да се уплашиме од нашиот Господ Бог, Кој ни дава навреме дожд, ран и доцен, ги пази за нас седмиците, одредени за жетва.

25Вашите беззаконија го отфрлија тоа, и вашите гревови го отстранија од вас тоа добро.

26Зашто меѓу Мојот народ има злочинци: демнат како сокриени ловци на птици, се влечат по земјата, ставајќи стапици за да ловат луѓе.

27Како кафез, со птици, домовите нивни се полни со грабежи: а преку тоа тие се издигнаа и се збогатија;

28се здебелија, злото надмина секоја мерка, не ја бранат правдата, ни правата на сираците за среќа, не се грижат за правата на сиромасите.

29Зар нема да казнам заради тоа — вели Господ; и нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?

30Стравотии и грозотии се случуваат во таа земја:

31пророците пророкуваат лага, свеш­тениците господарат преку нив — и Мо­јот народ го сака тоа. Но што ќе пра­вите на крајот?

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>