Еремија 50:1-46 MKDB2006 - Bible AI

1Слово што Господ го кажа преку пророкот Еремија за Ва­вилон и за земјата халдејска:

2„Соопштете и разгласете меѓу народите, подигнете знаме, објавете, не криј­те, зборувајте: Вавилон падна, Вил е посрамен, Меродах е скршен, богови­те негови се посрамени, идолите негови се скршени.

3Зашто од север се подигна врз него народ, кој ќе ја направи земјата негова пустина и никој нема да живее таму, и човек, и добиток, сѐ ќе се крене и ќе се разотидат.

4Во оние денови и во она време, вели Господ, ќе дојдат синовите Израелови, тие и синовите Јудини, заедно, ќе одат, ќе плачат и ќе Го побараат својот Господ Бог;

5ќе прашаат за патот кон Сион и, свртени со лицето кон него, ќе велат: одете и присоединете се кон Господ со вечен завет, кој нема да се заборави.

6Народот Мој беше како загубено стадо; пастирите негови го оттргнаа од патот, па скитаа по планините; од гора на рид и го заборавија леглото свое.

7Сите, што ги наоѓаа, ги изедуваа, и непријателите им велеа: не сме ви­новни, зашто тие згрешиле пред Гос­под, пред живеалиштето на правдата, и пред Господ, надежта на татковците нивни.

8Бегајте од Вавилон, заминете од земјата халдејска и бидете како кози пред стадо од овци.

9Зашто, еве, Јас ќе подигнам и ќе доведам врз Вавилон големо мноштво од народи од северната земја, и ќе застанат против него, и тој ќе биде преземен: стрелите нивни, како на искусни јунаци, напразно нема да се враќаат.

10И Халдеја ќе стане нивни плен; и оние, што ќе ја опустошат, ќе се на­ситат, вели Господ.

11Зашто вие, грабачи на Моето нас­ледство, се веселевте, прославувавте, потскокнувавте од радост, како јуници на трева, и 'ржевте како бојни коњи.

12За голем срам ќе стане мајката ва­ша, ќе црвенее онаа што ве родила; ете, иднината на тие народи ќе биде пустина, земја сува и пустелија.

13Од гневот Господов таа ќе стане ненаселена и целата ќе запусти; и секој, што ќе мине низ Вавилон, ќе се вчудовиди и ќе си потсвирне, гледајќи ги сите рани негови.

14Наредете се во боен ред околу Вавилон, вие сите, кои затегнувате лак, стрелајте во него, не жалете ги стрелите, бидејќи тој згреши против Господ.

15Нека одекнува восклик одсекаде: тој се предава! Паднаа тврдините него­ви, испопаѓаа ѕидовите негови, зашто тоа е Господовата отплата; одмаздувај­те му се; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него.

16Истребете во Вавилон и сеач, и жетвар; од страв пред опасниот меч секој нека се врати во својот народ и секој нека бега во земјата своја.

17Израел е распрснато стадо; го гонеа лавови; најнапред го гризеше асирскиот цар, а потоа Навуходоносор, царот ва­вилонски, и коските му ги здроби.

18Затоа, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: еве, Јас ќе го казнам ва­вилонскиот цар и земјата негова, како што го казнив асирскиот цар;

19и ќе го вратам Израел на неговото пасиште, и ќе си пасе по Кармил и по Башан, и душата негова ќе се наситува на Гората Ефремова и во Галаад.

20Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе побарам грев во Израел и нема да го има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им прос­там на оние, што ќе останат живи.

21Појди против неа, против бунтовната земја и казни ги нејзините жители: пустоши и истребувај сѐ по нив, вели Господ, и направи сѐ што ти заповедав.

22Шум голем од борба ќе се крене по земјата и големо разурнување.

23Како се скрши и како се разби чека­нот по целата земја, како ли Вавилон стана ужас меѓу народите!

24Јас поставив стапици за тебе, и те фатив, Вавилоне, иако ти не го предвиде тоа; се најде и беше фатен, зашто стана против Господ.

25Господ ја отвори ризницата Своја и оттаму го зеде оружјето на гневот Свој, зашто тоа е дело на Господ Седржите­лот во земјата халдејска.

26Појдете против неа од сите краиш­та, отворајте ги житниците нејзини, газете ја како снопје, наполно истребете ја, та ништо да не остане од неа;

27убивајте ги сите волови нејзини, не­ка одат на клање; тешко ним, бидејќи дојде денот нивни, времето на нивната казна.

28Се слуша глас од оние што бегаат и од оние што се спасуваат од вавилонската земја, за да му го соопштат на Сион одмаздувањето Господово, на нашиот Бог, одмаздувањето за Негово­то живеалиште.

29Повикајте ги против Вавилон сите стрелци, кои запнуваат лак, сместете се околу него, за да не се избави никој од него, платете му според делата негови; како што постапуваше тој, така поста­пувајте и вие со него, бидејќи тој се кре­на против Господ, против Светецот Израелов.

30Затоа младите негови ќе паднат по улиците негови, и сите војници негови ќе бидат истребени во оној ден, вели Господ.

31Еве, Јас сум против тебе, ти што си се возгордеал, вели Господ, Бог Саваот; зашто дојде денот твој, времето на твојата казна.

32И ќе се сопне таа гордост и ќе пад­не, и никој нема да ја крене; па ќе за­палам оган во градовите нејзини, и тој ќе уништи сѐ околу неа.

33Така вели Господ Саваот: угнетени се синовите Израелови, како и синовите Јудини, и сите што ги заробија, ги др­жат цврсто и не сакаат да ги пуштат.

34Но Искупителот нивни е силен, Господ Саваот е името Негово; Тој ќе го разгледа делото нивно, за да ја смири земјата и да ги дотера во страв ва­вилонските жители.

35Меч против Халдејците, вели Гос­под, против жителите на Вавилон, и против кнезовите, негови, и против мудреците негови;

36меч против маѓесниците негови, и тие ќе избезумат; меч против војниците негови, и тие ќе се уплашат;

37меч против коњите негови, против колите негови и против сите разни племенски народи меѓу него, и тие ќе бидат како жени; меч против ризниците негови, и нив ќе ги разграбаат;

38суша за водите негови, и тие ќе секнат; бидејќи тоа е земја на идоли и тие се залудени по своите идолски стра­шилишта.

39И таму ќе се населат пустински ѕве­рови со чакали, и ќе живеат на неа ноеви, а таа нема да биде населена довека и населувана од род во род.

40Како што ги сосипа Бог Содом и Гомора, и нивните соседни градови, вели Господ, така и тука нема да живее ниту еден човек, и човечки син нема да се запира таму.

41Ете, од север иде народ, народ го­лем и многу цареви се креваат од краиштата земни;

42во рацете свои држат лак и копје; тие се жестоки и немилосрдни; шумот нивни бучи како море; јаваат на коњи, наредени се како еден човек, за да се удрат со тебе, ќерко вавилонска!

43Чу за нив вест царот вавилонски, и рацете му малаксаа; страв го обзеде, мака — како на жена, кога се породува.

44Ете, излегува тој, како лав од шумите јордански кон вечно зелените пасишта; но Јас ќе го принудам да излезе бргу од него; и на Својот из­браник ќе му го доверам, зашто кој е подобен на Мене и кој ќе побара одго­ворност од Мене, и кој пастир ќе устои против Мене?

45Па така, чујте го решението на Господ, што го определи Тој против Вавилон, и Неговата замисла, што ја има за халдејската земја; Тој ќе ги одведе и најмалите јагниња, ќе го опустоши нивното стадо.

46На веста за падот на Вавилон ќе се затресе земјата, и пискот ќе се чуе меѓу народите.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>