Еремија 6:1-30 MKDB2006 - Bible AI

1Бегајте, деца Венијаминови од Ерусалим, трубете со труба во Текоа и јавете преку оган во Бет-Керем, зашто откај север доаѓа зло и голема погибел.

2Јас ја разубавив ќерката Сионова, прекрасна и разнежена.

3Ќе дојдат против неа пастири со стадата свои, ќе распнат шатори околу неа; секој ќе го пасе својот дел.

4Гответе војна против неа; станувајте да нападнеме на пладне. Тешко нам! Денот веќе одминува, се спуштаат ве­черни сенки.

5Станувајте да напаѓаме и ноќе, и да ги срушиме нејзините дворци!

6Зашто вака вели Господ Саваот: се­чете дрвја и кревајте насипи против Ерусалим: тој град треба да се казни; во него се врши секакво насилство.

7Како што од извор блика вода, така и од него блика зло: во него се слуша насилство и пустошење, пред Моето ли­це секогаш има навреди и рани.

8Вразуми се, Ерусалиме, за да не се отстрани од тебе душата Моја и да не те направам пустина, земја ненаселена.

9Вака вели Господ Саваот: обери ги до крај остатоците на Израел, како грозје; кини со раката своја, како берач на грозје, кога полни кошници.

10Кому да му говорам и кого да го предупредувам, за да чујат? Ете, нивното уво е необрезано, и тие не можат да слушаат; ете, словото Господово кај нив е за потсмев; тоа им е мило.

11Поради тоа јас сум преполнет со Господова јарост, не можам повеќе да се воздржувам: ќе ја излеам врз децата по улиците и врз собрани младинци; сите ќе бидат погодени: маж и жена, старци и возрасни.

12И куќите нивни ќе ги присвојат други, исто така и нивите и жените; за­што ќе ја протегнам раката Своја против жителите на таа земја, вели Господ.

13Зашто од мал до голем, секој од нив се предал на лакомост, и пророк и свештеник — сите мамат.

14Му ги лекуваат раните на Мојот народ лесномислено, велејќи: „Мир! мир!“ а мир нема.

15Се срамуваат ли тие, кога вршат гадотии? Не, никако не се срамуваат и не црвенеат. Затоа ќе паднат меѓу паднатите, и во времето на Мојата посета ќе бидат соборени, вели Господ.

16Вака вели Господ: — застанете на ва­шите патишта, разгледајте и распра­шајте се за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе нај­дете спокојство на душите свои. Но тие рекоа: нема да врвиме по тој пат!

17И поставив чувари над вас, и реков: „Слушајте го звукот на трубата!“ Но тие рекоа: „Нема да слушаме!“

18И така, чујте народи, и знај, собра­ние, што ќе стане со нив.

19Чуј, земјо: ете, ќе испратам против овој народ погибел, плод на помислите нивни; зашто тие не ги слушаа Моите зборови и Мојот закон го отфрлија.

20Зошто Ми е темјан, што иде од Се­ва, и миризлива трска — од далечна зем­ја? Вашите сепаленици не Ми се угодни, и вашите жртви не Ми се пријатни.

21Затоа вака вели Господ: ете, поста­вувам пред овој народ пречки, и ќе се сопнат од нив таткото и децата заедно, соседот и неговиот пријател, и ќе загинат.

22Вака вели Господ: — ете, иде народ од северна земја, и голем народ се крева од земните краишта;

23во рацете држат лак и копје; жестоки се и немилостиви, гласот нивен им бучи како море, и летаат на коњи наредени како еден човек, за да удрат против тебе, ќерко Сионова.

24Чувме вест за нив, и рацете ни премалеа, скрб нѐ обзеде, маки — како жена која се пораѓа.

25Не излегувајте на нива и на пат не одете, зашто непријателски меч и ужас е од сите страни.

26Ќерко на Мојот народ, препаши се со вреќиште и посипи се со пепел; тагувај како за син единец — горко плачи; зашто ненадејно ќе дојде врз нас погубник.

27Те поставив за проверувач среде Мојот народ, за столб, за да знаеш да ги испитуваш нивните патишта.

28Сите тие се упорни одметници, жи­веат со клевета; тоа се бронза и железо — сите се расипани.

29Мевовите забревтано дуваат; оловото се стопи од огнот; леарот топи на­празно, зашто згурата не се отстрани;

30ќе ги наречат отпадно сребро, за­што Господ ги отфрли.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>