2„Застани кај вратата на домот Господов и објави го таму ова слово и кажи: чујте го словото Господово, сите Јудејци, што влегувате низ таа врата да Му се поклонувате на Господ.
3ⓜТака вели Господ Саваот, Бог Израелов: ‚исправете ги вашите патишта и вашите дела, и Јас ќе ве оставам да живеете на тоа место.‘
4Не надевајте се на лажливи зборови: ‚ова е храмот Господов, храмот Господов, храмот Господов.‘
5Но ако ги исправите наполно вашите патишта и вашите дела, ако верно извршувате правда меѓу човекот и ближниот негов,
6ⓝако не угнетувате туѓинец, сирак и вдовица, не пролевате невина крв на тоа место и не тргнете по други богови за ваше зло,
7ⓞЈас ќе живеам со вас на ова место, во оваа земја, што им ја дадов на предците ваши од века до века.
8Ете, вие се надевате на лажливи зборови, кои нема да ви донесат полза.
9ⓟВие крадете и убивате, вршите прељуба и се колнете криво, му кадите на Ваал и одите по други богови, кои не ги познавате,
10и потоа доаѓате и се исправате пред лицето Мое во овој дом, над кој е повикано името Мое, и велите: ‚спасени сме‘, за да ги вршите сите тие гадотии и понатаму.
11ⓠНе се претвори ли овој дом во вашите очи во разбојничко гнездо, над кој е повикано името Мое? Ете, Јас го видов тоа, вели Господ.
12Но одете сега на Моето место во Силом, каде што порано бев одредил да почива Моето име, и видете што направив со него поради беззаконијата на Мојот народ Израел.
13ⓡИ, бидејќи ги вршите сите тие работи, вели Господ, и не слушавте, и ве викав, а вие не одговаравте, —
14ⓢзатоа Јас сега ќе постапам исто со овој дом, над кој е призвано Моето име, на кое вие се надевате, и со местото што ви го дадов вам и на предците ваши, како што постапив со Силом.
15ⓣИ ќе ве отфрлам од лицето Свое, како што ги отфрлив сите ваши браќа, целото семе Ефремово.
16ⓤА ти, не моли се за овој народ и не упатувај за него молитви и молби, и не посредувај пред Мене, зашто нема да те чујам.
17Не гледаш ли што прават тие во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски?
18Децата собираат дрва, а татковците палат оган, и жените месат тесто, за да прават банички за кралицата на небото и да вршат преливи за други богови, за да Ме огорчуваат.
19Но Мене ли Ме огорчуваат тие — вели Господ; не себеси ли — за нивни срам?
20ⓥЗатоа вака вели Господ Бог: ете, се излива Мојот гнев и Мојата јарост врз ова место, врз луѓето и врз добитокот, врз полските дрвја и врз земните плодови, ќе се разгори и нема да угасне.
21ⓦВака вели Господ Саваот, Бог Израелов: — вашите сепаленици принесувајте ги заедно со вашите жртви и јадете го месото;
22ⓧзашто Јас не им говорев на предците ваши и не им давав заповеди за сепаленици и жртви во тој ден, кога ги изведов од египетската земја;
23ⓨтуку ова им го заповедав: ‚слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по оној пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро.‘
24Но тие не послушаа и не го наклонија увото, и живееја по желбите и по упорството на своето лошо срце, и ми свртеа грб, а не лице.
25ⓩОд оној ден, кога предците ваши излегоа од египетската земја, до денес, ги испраќав кај вас слугите Свои — пророците, ги испраќав секој ден од рано утро и постојано,
26ⓐно тие не Ме послушаа и не го наклонија увото, туку станаа тврдоглави, постапуваа полошо од татковците свои.
27И кога ќе им ги кажуваш сите овие зборови, тие нема да те послушаат; и кога ќе ги викаш, тие нема да ти се одѕиваат.
28ⓑТогаш речи им: ‚еве народ, кој не го слуша гласот на Господ, својот Бог, и не прима поука! Нема кај нив вистина, таа е одземена од устата нивна.‘
29Истрижи ја косата своја и фрли ја и почни да плачеш по горите, зашто Господ го отфрли и го остави родот што го предизвика гневот Негов.
30ⓒЗашто синовите на Јуда вршат зло пред Моите очи, вели Господ; ги поставија своите гадотии во домот над кој е повикувано името Мое, за да го осквернат;
31ⓓи изградија идолско светилиште на Товет во долината на Хиномовите синови, за да ги изгоруваат во оган синовите свои и ќерките свои, што не сум го заповедал и кое ни на ум не Ми доаѓало.
32ⓔЗатоа, идат дни, вели Господ, кога тоа место нема повеќе да се нарекува Товет и долина на синовите Хиномови, туку Крвна Долина, и во Товет ќе се погребуваат поради немање на место.
33ⓕИ труповите на овој народ ќе бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни, и ќе нема кој да ги брка.
34ⓖВо градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски ќе го прекратам гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста; зашто таа земја ќе стане пустелија.“