Еремија 9:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1О, кога некој би ми дал во пустината пребивалиште! Би го оставил мојот народ и би избегал од нив: зашто сите тие се прељубодејци, банда на престапници.

2Како лак го запнуваат јазикот свој за лаги, со неправда се засилуваат на земјата; зашто минуваат од едно зло на друго и Мене не Ме познаваат, вели Господ.

3Пазете се секој од пријателот свој, и не доверувајте се никому од браќата свои; зашто секој брат му става сопка на другиот, и секој пријател разнесува клевета.

4Секој го лаже пријателот свој, и вистина не говорат: го научија јазикот свој да говори лага, се трудат да прават зло.

5Насилство врз насилство, измама врз измама! Не сакаат да Ме познаат, вели Господ.

6Затоа вака вели Господ Саваот: ете, ќе ги растопам и ќе ги испитам; зашто, како инаку да постапам со ќерката на Мојот народ?

7Јазикот нивни — стрела смртоносна, говори подмолно; со устата кон ближниот зборуваат пријателски, а во срцето свое му кројат примки.

8Зар нема да ги казнам, вели Господ? Нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?

9На горите ќе кренам плач и пискот, и по пасиштата во степите — ридание, зашто тие се изгорени, така што преку нив никој не минува, ниту се слуша блеење на стада: и птиците небески и добитокот — сѐ се распрснало и избегало.

10И ќе го претворам Ерусалим во купишта камења, живеалиште на змии, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустина без жители.

11Има ли таков мудрец, што ќе го разбере ова? На кого му говорела устата Господова, па да објасни, зошто за­гина земјата и изгоре како пустина, така што никој не минува низ неа?

12И рече Господ — поради тоа што го оставија Мојот закон, што го бев определил за нив, не го слушаа гласот Мој и не постапија според него,

13туку одеа според тврдокорноста на срцето свое и по Вааловци, како што ги научија татковците нивни.

14Заради тоа вака вели Господ Са­ваот, Израеловиот Бог: еве, ќе ги на­хранам тие луѓе со пелин, ќе ги напојам со затруена вода.

15И ќе ги растурам меѓу народи, што не ги познаваа ни тие ни татковците нивни и ќе испратам по нив меч, сѐ додека не ги истреби.

16Така вели Господ Саваот: побарајте и повикајте да дојдат тажачки; испра­тете да дојдат вешти жени за таа работа.

17Нека побрзаат и да заплачат заради нас, та од очите наши да се лејат солзи и од клепките наши вода да тече.

18Затоа што глас од плач се слуша откај Сион: „Како нѐ ограбија, лошо сме посрамени; принудени сме да ја ос­тавиме земјата, зашто нашите куќи ни ги разурнаа.“

19Па така, слушајте го, жени, словото од Господ и да внимава увото ваше на словото од устата Негова; и учете ги ќерките свои на плач, и една со друга — на тажни песни:

20„Смртта влегува преку прозорците наши, се впушта во куќите наши, за да ги истреби децата од улиците и младината од плоштадите.“

21Кажи им, вака вели Господ: ќе бидат фрлени труповите на луѓето како ѓубре во поле и како снопја зад же­т­вари, и не ќе има кој да ги собере.

22Така вели Господ: мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое.

23А кој се фали, нека се фали со тоа дека Ме разбира Мене и дека знае дека Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; зашто само овие работи Ми се угодни, вели Господ.

24Ете идат денови, вели Господ, кога ќе ги казнам сите кои се само надво­решно обрезани:

25Египет и Јудеја, Едом и синовите Амонови, Моав и сите кои се стрижат од страна, што живеат во пустината; зашто сите тие народи се необрезани, а и сиот дом Израелов има срце необрезано.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>