Естира 6:1-14 MKDB2006 - Bible AI

1Преку ноќта Господ не му даде сон на царот. Затоа му заповеда на слугата да ја донесе книгата за дневните белешки; и ги читаа пред царот;

2и се најде запишано таму дека Мар­дохеј беше соопштил за двајцата царски слуги Бигетан и Тереш, кои го чуваа прагот и правеа план да стават рака врз царот Ксеркс.

3Царот запраша: „Каква чест и какво одликување му е дадено на Мардохеј за тоа?“ Царските дворјани што му читаа, одговорија: „Ништо не му е направено.“

4Кога царот се распрашуваше за доб­рото дело на Мардохеј, дојде во дворот Аман, и праша царот: „Кој е во дво­рот?“ Аман, пак, тогаш беше дошол во надворешниот двор на цар­скиот дворец за да бара од царот за да го обесат Мардохеј на бесилката што ја беше приготвил за него.

5Дворјаните му одговорија на царот: „Ете, Аман стои во дворот.“ Царот рече: „Нека влезе.“

6И Аман влезе. Царот го праша: „Што да му направам на таков човек кого сакам да го одликувам со по­чести?“ Аман си помисли во срцето: кого друг би посакал царот да го одликува, освен мене?

7И Аман одговори: „На таков човек, кого царот сака да го одликува со почести,

8нека му донесат царска облека, со која царот се облекува, и да го доведат коњот, на кој царот јава, да му постават царски венец на главата негова,

9и нека ги дадат облеката и коњот, во рацете на еден од првите царски кнезови, да го облечат човекот, кого царот сака да го одликува, да го изведат на коњ на градскиот плоштад и да огласат пред него: Вака му се прави на оној човек, кого царот сака да го одликува со почести!“

10Тогаш царот му рече на Аман: „Добро рече; веднаш земи ја облеката и коњот, како што рече, и направи му го тоа на Јудеецот Мардохеј, кој седи пред царската порта; ништо да не пропуш­тиш од тоа што го кажа.“

11Ги зеде Аман облеката и коњот, го облече Мардохеј, го изведе на коњ на градскиот плоштад и објави пред него: „Вака му се прави на човек, кого царот сака да го одликува со почести!“

12Мардохеј се врати кај царската пор­та. Аман, пак, тргна во домот свој, натажен и со наведната глава.

13И ѝ раскажа Аман на жената своја Зереша, и на сите пријатели свои за сѐ што се случи со него. Тогаш мудреците негови и жената негова Зереша му ре­коа: „Ако Мар­дохеј, поради кого ти почна да паѓаш, е од јудејско племе, ти нема да го надвиеш, туку навистина ќе паднеш пред него, бидејќи со него е живиот Бог.“

14Тие уште разговараа со него, и царските евнуси дојдоа и го поканија Аман да оди на гозбата што ја беше приготвила Естира.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>