1ⓐНа осмиот ден, во втората година на Дариј, дојде слово Господово до пророкот Захарија, синот Берехиев, син на Идо, велејќи:
2„Се разгневи Господ на татковците ваши со голем гнев;
3ⓑзатоа кажи им — вака вели Господ Саваот — Вратете се кон Мене, — вели Господ Саваот — И Јас ќе се вратам кон вас.
4ⓒНе бидете како што беа предците ваши, кон кои викаа поранешните пророци, велејќи им — ‚Вака вели Господ Саваот: одвратете се од лошите работи свои!‘ Но тие не послушаа, ниту внимаваа на Мене, вели Господ.
5Каде се сега предците ваши? А и пророците, зар тие вечно ќе живеат?
6ⓓНо зборовите Мои и наредбите Мои, што им ги заповедав на слугите Мои, пророците, зар не ги постигнаа предците ваши? И тие се обраќаа и велеа: ‚како што беше определил Господ Саваот да постапи со нас според патиштата наши, и според делата наши, така и постапи.‘“
7На дваесет и четвртиот ден од единаесеттиот месец — а тоа е месецот шеват — во втората година на Дариј, дојде слово Господово до пророкот Захарија, синот Берехиев, син на Идо.
8ⓔВо текот на ноќта видов — ете, еден маж на црвен коњ стои меѓу мирти, што беа во долот, а зад него црвени, сиви и бели коњи,
9ⓕпа му реков — „Кои се овие, господине мој?“ А ангелот, кој зборуваше со мене, ми рече: „Јас ќе ти покажам кои се тие.“
10ⓖИ одговори мажот што стоеше меѓу миртите, и рече — „Тоа се оние кои Господ ги испратил да ја обиколуваат земјата.“
11Тогаш тие му одговорија на ангелот Господов, кој стоеше меѓу миртите, па му рекоа — „Ете, ја обиколивме целата населена земја и таа е спокојна.“
12ⓗИм одговори ангелот Господов и им рече: „Господи Седржителе, до кога нема да се смилуваш над Ерусалим и над градовите Јудини, на кои се гневиш, еве, веќе седумдесет години?“
13Тогаш во одговор на ангелот Господов, изрече Господ слова добри, слова утешни.
14ⓘИ ми рече ангелот, кој зборуваше со мене: „Извести и кажи — вака вели Господ Саваот — ‚Ревнувам за Ерусалим и за Сион многу;
15ⓙи горам со голем гнев против народите што живеат во спокој, зашто кога Јас малку се разгневив, тие станаа уште полоши!‘
16ⓚЗатоа вака вели Господ: ‚Јас се враќам кон Ерусалим со милосрдност; во него ќе се изгради Мојот дом, вели Господ Саваот, и мерно јаже ќе се протегне низ Ерусалим.‘
17ⓛПорачај уште и ова, и кажи им — вака вели Господ Саваот: ‚Моите градови одново ќе се исполнат со богатства, и Господ ќе го утеши Сион и пак ќе го избере Ерусалим.‘“