Захарија 12:1-14 MKDB2006 - Bible AI

1Пророчко слово од Господ за Израел. Господ, Кој го распна небото и ја основа земјата и му создаде на човекот дух во неговите гради, вели:

2ете, Јас ќе го направам Ерусалим како чаша за опивање на сите народи околни, а исто така и за Јуда во времето на ерусалимската опсада.

3Во оној ден ќе го направам Еру­салим како тежок камен за сите племиња; сите што ќе го подигаат, ќе се иски­лават, а ќе се соберат против него сите народи земни.

4Во оној ден, вели Господ, Јас ќе го удрам секој коњ со лудост, а коњаникот негов — со безумие, додека врз домот Јудин ќе ги отворам очите Свои; секој коњ пак, кај народите ќе го удрам со слепило.

5Тогаш кнезовите Јудини ќе речат во срцата свои: силата на жителите на Ерусалим е во Господ Саваот, нивниот Бог.

6Во оној ден Јас ќе ги направам кнезовите Јудини како запален јаглен меѓу дрва и како факел меѓу снопови; тие ќе ги истребат сите околни народи, и од десната и од левата страна, и Ерусалим ќе биде одново населен на своето место — во Ерусалим.

7И Господ ќе ги спаси најнапред шаторите на Јуда, така што гордоста на домот Давидов и гордоста на ерусалимските жители да не се издига над Јуда.

8Во оној ден Господ ќе ги засолни жителите на Ерусалим, и најслабиот меѓу нив во оној ден ќе биде како Да­вид, а домот Давидов ќе стане како Бог, како ангел Господов пред нив.

9Во оној ден ќе ги истребам сите на­роди, што го напаѓаат Ерусалим.

10А врз домот Давидов и врз жители­те ерусалимски ќе излијам дух на благодат и молитва, така што, кога ќе погледнат на Оној, Кого тие го прободоа, ќе плачат за Него, како што се плаче за еднороден син, и ќе ридаат како што се рида за првороден.

11Во оној ден ќе се крене голем плач во Ерусалим, како плач на Ха­дад-Римон во долината Мегидо.

12И ќе плаче земјата, секое семејство посебно; семејството на домот Давидов, и жените нивни одделно; семејството на домот Натанов, и жените нивни одделно;

13домот на Левиј одделно, и жените нивни одделно; племето Симеоново одделно, и жените нивни одделно;

14и сите други племиња, секое племе одделно, и жените нивни одделно.