Захарија 14:1-21 MKDB2006 - Bible AI

1Ете, доаѓа денот Господов кога ќе го разделат ограбеното од те­бе среде тебе.

2Ќе ги соберам сите народи во војна против Ерусалим; градот ќе биде преземен, и домовите разграбени; жените ќе бидат обесчестени, половината од гра­дот ќе отиде во ропство; но останатиот народ нема да биде истребен од градот.

3Тогаш ќе излезе Господ и ќе се сврти против тие народи, како што војува во борбен ден.

4И ќе застанат нозете Негови на Маслиновата Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Маслиновата Гора од исток кон запад со многу голема долина и половината ќе се помести кон север, а втората половина — кон југ.

5И вие ќе побегнете во долината на Мојата гора, зашто планинската долина ќе се протега до Ацал; а ќе побегнете како што бегавте од земјотресот во де­новите на Озија, царот Јудејски; и ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него.

6Во тој ден нема да има светила, све­тилата ќе бидат премавнати.

7Тој ден ќе биде чуден, познат само на Господ; ниту ден, ниту ноќ — и ноќе ќе биде виделина.

8Во тој ден ќе потечат живи води од Ерусалим, половина кон источното море, а половина кон западното море; така ќе биде и лете и зиме.

9И Господ ќе биде Цар над целата земја; во тој ден Господ ќе биде единствен и името Негово — едно единствено.

10Целата таа земја ќе се претвори во рамнина од Гева до Римон, јужно од Ерусалим, кој ќе се извиши на местото свое и ќе се насели од Портите Вени­јаминови до местото на Првите Порти, до Аголните Порти, и од кулата на Хананел до царските визби.

11И ќе се населат во него, и проклетство нема да има повеќе, а Ерусалим ќе живее во мир.

12А еве какво ќе биде поразувањето, со кое Господ ќе ги порази сите народи, кои војувале против Ерусалим — месото ќе им се распаѓа уште додека стојат на нозете свои, и очите ќе им скапуваат во длабнатините, и јазикот ќе им изгние во устата нивна.

13И во тој ден ќе завладее голем смут од Господ, така што еден друг ќе се фаќаат за раката своја и секој ќе ја подига раката своја против раката на ближниот свој.

14Дури и Јуда ќе војува во Ерусалим, и богатството на сите околни народи ќе биде собрано: злато, сребро и облеки во голем број.

15Таков пораз ќе има и врз коњите и маските, камилите и магарињата, и врз секаков добиток, што ќе се наоѓа во логорите нивни.

16А потоа сите што ќе преживеат, од оние кои војувале против Ерусалим, од сите народи, ќе доаѓаат од година во година, за да се поклонат на Царот, на Господ Саваот, и да го празнуваат празникот Сеници.

17И, ако некое од племињата земни не појде во Ерусалим, за да Му се поклони на Царот, на Господ Саваот, дожд нема да падне кај нив.

18И, ако племето египетско не тргне на пат и не дојде тука, и него ќе го постигне пораз, со каков што ги порази Господ оние народи, што не доаѓале да го празнуваат празникот Сеници.

19Таква ќе биде казната за Египет и на сите народи, кои нема да дојдат да го празнуваат празникот Сеници.

20Во тоа време дури на уздите од коњите ќе биде забележано „Посветен на Господ“, и котлите во домот Госпо­дов ќе бидат како жртвените садови пред жртвеникот.

21И сите котли во Ерусалим и во Ју­деја ќе бидат посветени на Господ Саваот, и ќе доаѓаат сите што принесуваат жртва, ќе ги земат и ќе варат во нив, и нема повеќе да има ниту еден трговец во домот на Господ Саваот во тој ден.