Захарија 2:1-17 MKDB2006 - Bible AI

1Ги подигнав очите, а тоа, ете, четири рога.

2И му реков на ангелот, кој зборуваше со мене: „Што е ова?“ А тој ми одговори: „Тоа се роговите што ги рас­прснаа Јуда, Израел и Ерусалим.“

3Потоа Господ ми покажа четири ковачи.

4Пак реков: „Што ќе прават овие?“ А тој ми рече: „Оние рогови се што го распрснаа Јуда, така што никој од нив не може да си ја подигне главата; и, ете, тие дојдоа да ги уплашат, да им ги скршат роговите на народите, кои подигаат рог против земјата на Јуда за да ја распрснат.“

5И пак ги подигнав очите и видов: и, ете, еден маж, кој во раката имаше мерно јаже.

6Го прашав: „Каде одиш?“ Тој ми рече: „Одам да го измерам Ерусалим, за да видам колкава му е ширината и колкава му е должината.“

7Тогаш ангелот, што зборуваше со мене, истапи напред, а друг ангел му дојде во пресрет,

8и тој му рече на оној: „Побрзај и кажи му на оној млад човек: ‚Ерусалим ќе се насели како село без ѕидини поради многуте луѓе и добиток во него.

9И Јас ќе му бидам огнен ѕид, околу него, вели Господ, и слава во него.‘“

10„Еј, еј! Бегајте од северната земја, вели Господ, зашто Јас ве растргнав по сите четири ветра небески“, вели Гос­под.

11Спасувај се Сионе, ти што живееш кај ќерката Вавилонска.

12Зашто така вели Господ Седржите­лот, Кој ме прати за слава кај народите, што ве пљачкосуваа: „Зашто кој чепка во вас, чепка во зеницата на окото Мое.

13И, ете, Јас ќе ја кренам раката Сво­ја против нив, и тие ќе станат плен на робовите свои.“ Тогаш ќе познаете дека Господ Саваот ме пратил.

14„Ликувај и весели се, ќерко Сионо­ва, зашто ете, Јас ќе дојдам и ќе живеам во тебе“, вели Господ.

15И ќе се приберат многу народи кај Господ во оној ден и ќе станат Негов народ. И Тој ќе се насели кај тебе, и тогаш ќе разбереш дека Господ Саваот ме пратил кај тебе.

16Тогаш Господ ќе ја завладее Јудеја, Својот дел на светата земја, и пак ќе го избере Ерусалим.

17Нека замолкнат сите луѓе пред лицето на Господ, зашто Тој стана од Своето свето живеалиште.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>