Излез 10:1-29 MKDB2006 - Bible AI

1Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие мои знаци врз нив;

2па да му раскажувам на синот твој и на внукот твој што сторив во Египет, како и за знаците Мои, што ги покажав во него, за да знаете дека Јас сум Господ.“

3И отидоа Мојсеј и Арон кај фа­раонот и му рекоа: „Еве што вели Господ, Бог на Евреите: ‚До кога ќе одбиваш да Ми се покориш? Пушти го народот Мој да Ми изврши служба!

4Зашто, ако не го пуштиш народот Мој, еве, утре Јас ќе пратам скакулци во земјата твоја.

5И тие ќе ја покријат површината на земјата, така што не ќе се гледа копно; и ќе го изедат остатокот, што не го уништи градот; ќе ги изедат и сите дрвја, што ви растат по полето.

6И ќе ги наполнат куќите твои, куќите на слугите твои и куќите на сите Египќани — такво нешто не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па сѐ до денес.‘“ И свртувајќи се, си отиде Мојсеј од фараонот.

7Тогаш слугите му рекоа на фара­онот: „До кога овој ќе нѐ измачува? Пушти ги луѓето и нека Му извршат служба на Господ, нивниот Бог. Не гледаш ли дека Египет пропаѓа?“

8И ги вратија Мојсеј и Арон пред фараонот, и им рече фараонот: „Одете, послужете Му на Господ, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?“

9Мојсеј одговори: „Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господ.“

10И им рече фараонот: „Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуш­там, но зошто со децата ваши? Ете, лоша замисла имате!

11Не така, туку одете само мажите и извршете Му служба на Господ, зашто тоа самите го баравте.“ И ги истераа откај фараонот.

12Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Протегни ја раката своја над земјата египетска и ќе излезат скакулци по земјата египетска, и ќе ја изедат сета трева по земјата, и сѐ што останало неудрено од градот.“

13И го крена Мојсеј стапот свој над египетската земја и наведе Господ источен ветар, кој дуваше цел ден и цела ноќ; а кога се раздени, источниот ветар довеа скакулци.

14И ги навеа нив над целата египетска земја, и нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш.

15И ја покрија површината на земјата, така што земјата не се гледаше, и ја изедоа сета трева на земјата и сиот род по дрвјата, неудрен од градот, а не остана ништо зелено ниту по дрвјата, ниту по тревата полска во целата египетска земја.

16Тогаш фараонот брзо ги повика Мојсеј и Арон и рече: „Згрешив пред Господ, вашиот Бог, и пред вас.

17Но уште овојпат простете ми го гревот мој, и помолете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт.“

18И излезе Мојсеј откај фараонот и Му се помоли на Господ.

19И сврте Господ многу силен ветар од запад и тој ги крена скакулците и ги фрли во Црвеното Море; и не остана ниту еден скакулец во целата египетска земја.

20Но Господ го ожесточи срцето на фараонот и тој не ги пушти синовите на Израел.

21И Господ му рече на Мојсеј: „Крени ја сега раката своја кон небото, и ќе настане темнина по египетската земја, толку густа што не ќе може да се допира.“

22И Мојсеј ја подигна раката своја кон небото, и настана густа темнина по целата египетска земја, која потраја цели три дена.

23Луѓето не се гледаа еден со друг и никој не се поместуваше од местото свое три дена. Но по местата, каде што живееја синовите израелски, имаше виделина.

24Тогаш фараонот го повика Мојсеј, и му рече: „Одете, извршете Му служба на Господ; само овците ваши и воловите ваши нека останат, а децата ваши нека одат со вас.“

25Но Мојсеј рече: „Не, зашто ти треба да нѐ снабдиш со приноси и жртви сепаленици, што ќе ги принесеме на Господ, нашиот Бог.

26Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ниту едно грло; зашто од него ќе земеме жртва за Господ, нашиот Бог; но, додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господ.“

27И Господ пак го отврдна срцето на фараонот и тој не сакаше да ги пушти.

28И фараонот му рече: „Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш.“

29А Мојсеј рече: „Како што рече, така и ќе биде; нема повеќе да ти го видам лицето.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>