1ⓗПак му рече Господ на Мојсеј: „Уште едно зло ќе пратам над фараонот и над Египет, па тогаш ќе ве пушти оттука; и кога ќе ве пушти, просто ќе ве истера оттука.
2ⓘА сега кажи му на народот: секој човек нека побара од соседот свој и секоја жена од сосетката своја сребрени и златни предмети.“
3ⓙИ даде Господ народот да најде благонаклоност кај Египќаните; а и самиот Мојсеј беше многу голем човек во египетската земја, во очите на слугите фараонови и пред народот.
4ⓚИ рече Мојсеј: „Вака вели Господ: ‚На полноќ ќе поминам низ Египет,
5ⓛи ќе умре секој првороден во земјата египетска, од првородениот син фараонов, кој треба да седне на престолот негов, до првородениот син на слугинката, која се наоѓа во воденицата, и првородениот добиток.
6ⓜИ ќе настане голем пискот по целата египетска земја, каков што досега немало, ниту некогаш ќе го има.
7ⓝА кај синовите на Израел нигде нема ни куче да залае со својот јазик, ниту против човек, ниту против животно, за да се види каква разлика прави Господ меѓу Израелците и Египќаните.‘
8ⓞПа ќе дојдат сите тие слуги твои кај мене, и ќе ми се поклонат, велејќи: ‚Оди си и ти и целиот твој народ, што го водиш со тебе.‘ И тогаш ќе излезам.“ И си излезе Мојсеј разгневен.
9ⓟА Господ му рече на Мојсеј: „Нема да ве послуша фараонот, за да се умножат чудата Мои во земјата египетска.“
10ⓠМојсеј и Арон ги направија сите овие чуда пред фараонот, но Господ му го ожесточи срцето на фараонот, и тој не ги пушти синовите израелски од својата земја.