Излез 12:1-51 MKDB2006 - Bible AI

1И Господ им рече на Мојсеј и на Арон во земјата египетска, ве­лејќи:

2„Овој месец да ви биде почеток на месеците, да ви биде прв месец меѓу месеците во годината.

3Кажете му на целиот собор на синовите израелски: ‚На десеттиот ден од овој месец, секој нека земе јагне шилеже според бројот на челадта: значи, по едно на семејство.

4Ако се помалку во домот за едно јагне, нека го земе кај себе соседот, кој му е најблизок, со онолку души, колку што треба, за да можат да го изедат јагнето.

5А јагнето или јарето да ви биде здраво, машко, без недостаток, од една година; земете го од овците или од козите.

6И чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш општиот со­бор израелски нека го заколе, во приквечерина.

7И нека земат крв од него и нека ги попрскаат обата довратника и горните прагови на куќата, во која ќе го јадат.

8И нека јадат месо истата ноќ, на оган печено, со пресен леб и со гор­чливи тревки, нека го јадат.

9Немојте да јадете од него сурово, ниту во вода варено, туку само на оган печено: со главата, со нозете и со внатрешнината.

10И ништо од него немојте да оставате до утрината; ако, пак, нешто од него остане до утрината, изгорете го на оган.

11А вака јадете го: опашани околу половината, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова.

12Зашто ќе поминам низ земјата еги­петска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата египетска, од човек до добиток, и ќе им се одмаздам на сите египетски богови, зашто Јас сум Господ.

13А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја казнам египетската земја.

14И тој ден ќе ви биде ден на сеќа­вање и празнувајте го тој празник, пос­ветен на Господ; празнувајте го од колено на колено; како трајна уредба.

15Седум денови јадете лебови без квас; уште од првиот ден отстранете го квасот од куќите ваши; зашто оној, кој ќе јаде нешто со квас од првиот до седмиот ден, тој ќе биде истребен од народот израелски.

16Во првиот ден да се соберете на свет собор; а и во седмиот ден напра­вете го истото; никаква работа да не вршите во тие денови. Освен за јадењето, за кого колку што треба, само тоа можете да го правите.

17И славете го празникот Бесквас­ници, зашто во тој ден ја изведов војската ваша од земјата египетска; празнувајте го тој ден од колено на колено како трајна уредба.

18Бесквасни лебови почнете да јадете од првиот месец во четиринаесеттиот ден вечерта, па сѐ до дваесет и првиот ден од истиот месец, до вечерта.

19Седум денови не смее да има квас во вашите куќи. Бидејќи, ако некој јаде нешто со квас, ќе биде истребена таа душа од собранието на Израел, било да е странец или домородец.

20Ништо со квас немојте да јадете: насекаде каде што престојувате, јадете само бесквасен леб!‘“

21И ги свика Мојсеј сите старешини израелски и им рече: „Одете и приго­твете јагне, за семејствата свои, и заколете Пасха.

22Потоа земете китка исоп и нато­пете ја во крвта, што е во садот, и по­прскајте ги горните прагови и обата довратника со крвта од садот и ниеден од вас да не излегува низ вратата куќна до изутрина.

23И кога ќе помине Господ да го казнува Египет, штом ќе ја види крвта на горниот праг и на обата довратника, ќе ја одмине Господ таа врата, и нема да му дозволи на истребителот да влезе во куќите ваши и да убива.

24Пазете го ова како закон за себе и за синовите свои довека.

25И кога, пак, ќе влезете во земјата, што ќе ви ја даде Господ, како што рече, извршувајте ја оваа служба.

26И кога ќе ве прашаат синовите ваши: ‚Каква ви е таа служба?‘

27Одговорете: ‚Тоа е Пасхална жртва на Господ, Кој ги одмина куќите на синовите израелски во Египет, убивајќи ги Египќаните, а домовите наши ги зачува.‘“ — Тогаш народот, се наведна и се поклони.

28И отидоа синовите израелски и на­правија така: како што им заповеда Господ преку Мојсеј и Арон, така направија.

29А на полноќ ги уби Господ сите првородени во земјата египетска, од првородениот син фараонов, кој тре­баше да седи на престолот негов, до првородениот син на затвореникот во затворот, и сѐ што беше првородено кај добитокот.

30И стана фараонот во таа ноќ, тој и сите негови слуги, и сите Египќани; и настана голем пискот во целата земја египетска, зашто немаше куќа, во која немаше мртовец.

31Тогаш ги повика фараонот Мојсеј и Арон, ноќта, и им рече: „Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите израелски, и извршете Му служба на Господ, како што велевте.

32Земете го вашиот ситен и крупен добиток, како што велевте, и одете си, па и мене благословете ме!“

33И Египќаните навалуваа на народот, што побрзо да си оди од земјата, зашто велеа: „Сите ќе изгинеме!“

34И народот си го зеде тестото свое, уште неискиснато; ноќвите ги завиткаа во облеките свои, и ги ставија на рамењата свои.

35И постапија синовите израелски според заповедта Мојсеева, и побараа од Египќаните сребрени и златни предмети, а и облека.

36И Господ направи, та народот најде благонаклоност кај Египќаните, и тие им дадоа; така ги обраа Египќаните.

37И тргнаа синовите на Израел од Рамзес за Сукот, околу шестотини илјади пешаци мажи, не сметајќи ги тука децата.

38И многу други придојдени отидоа со нив, како и ситен и крупен добиток; мошне големо стадо.

39А од тестото, што го изнесоа од Египет, испекоа бесквасни лепчиња, зашто тоа уште не беше скиснато кога ги истераа Египќаните, и не можеа да се задржуваат, така што дури ни храна за попат не си приготвија.

40Времето, пак, што го поминаа синовите израелски во Египет изнесуваше четиристотини и триесет години.

41А кога се навршија четиристотини и триесетте години, ноќе, во истиот ден, излезе сета Господова војска од земјата египетска.

42Таа ноќ, која Господ ја пробдеа, за да ги изведе од египетската земја, тоа е ноќ Бдение во чест на Господ, кое треба да го празнуваат синовите израелски од колено на колено.

43И Господ им рече на Мојсеј и на Арон: „Закон за Пасхата е: ниеден ту­ѓинец да не јаде од неа!

44А секој ваш роб, купен за пари, откако ќе го обрезете, тогаш може да јаде од неа.

45Придојден или наемник да не јаде од неа!

46Во една куќа треба да ја јадете; и не изнесувајте месо надвор од куќата, и коските од жртвата да не ги кршите.

47Целото израелско општество нека прави така.

48Ако се насели кај вас некој туѓинец и посака да ја празнува Пасхата Госпо­дова, нека му се обрезат сите од машки пол, па потоа нека почне да ја празнува, и ќе биде како роден во таа земја; инаку, никој необрезан да не јаде од неа.

49Еден закон нека има за родениот во таа земја и за придојдениот што дошол меѓу вас!“

50И направија синовите на Израел та­ка како што им заповеда Господ на Мојсеј и на Арон.

51И во тој ден ги изведе Господ синовите израелски од земјата египет­ска, поделени на дружини.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>