1ⓓТогаш, Мојсеј и синовите израелски ја запеаја оваа песна на Господ, велејќи: „Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњот и коњаникот негов ги фрли в море.
2ⓔГоспод е моја сила и моја слава; Тој е спасение мое; Тој е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам.
3ⓕГоспод е воин; Јахве е името Негово.
4ⓖКолите фараонови и војската негова ги фрли в море; избраните војводи негови се удавија во Црвено Море.
5ⓗБездните ги покрија; тие потонаа во длабочините, како камења.
6ⓘДесницата Твоја, Господи, се прослави со сила; десната рака Твоја, Господи, го уништи непријателот.
7ⓙИ со величието на славата Твоја Ти ги собори оние, кои станаа против Тебе; Ти го излеа гневот Свој, и тој ги изгоре како слама.
8ⓚОд здивот на ноздрите Твои водите се расцепија, брановите се издигнаа како ѕид; бездните морски станаа тврди.
9ⓛНепријателот рече: ‚Ќе гонам, ќе стигнам, плен ќе разделам, ќе се насити со нив душата Моја, ќе го извадам мечот Свој, ќе ги уништи раката Моја.‘
10ⓜТи дувна со здивот Твој, и морето ги покри; и тие потонаа како олово во силните води.
11ⓝКој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе прославен во светоста Своја, прекрасен во славата Своја и Творец на чуда?
12ⓞТи ја пружи десницата Своја и земјата ги голтна.
13ⓟСпоред милоста Твоја го водиш овој народ, кого Ти го избави, и го спроведуваш со силата Своја во живеалиштето на Светоста Твоја.
14ⓠНародите слушнаа и затоа треперат: ужас ги опфати жителите на земјата филистејска.
15ⓡТогаш се збунија поглаварите едомски, страв и трепет ги обзеде кнезовите моавски, се уплашија сите жители ханански.
16ⓢНека ги опфати страв и ужас; од силата на раката Твоја нека онемеат како камен, додека не помине народот Твој, Господи, додека не помине овој народ што си го придобил.
17ⓣОдведи го и смести го во планината на Твоето наследство, во место, кое Ти Господи, си го приготвил за живеалиште Свое, во светилиштето создадено со рацете Твои, Господи!
18ⓤГоспод ќе царува секогаш и во вечност.
19ⓥКога коњите фараонови со колите негови и со коњаниците негови влегоа во морето, Господ ги поврати врз нив водите морски: а синовите на Израел поминаа по суво среде море.“
20ⓦИ пророчицата Мирјам, сестрата Аронова, зеде тимпан во раката своја, а по неа излегоа сите жени со тимпани и со игра.
21ⓧИ запеа Мирјам пред нив: „Пејте Му на Господ, зашто славно се прослави: коњот и коњаникот в море ги фрли.“
22ⓨПотоа ги поведе Мојсеј синовите израелски од Црвеното Море, и тие навлегоа во пустината Сур; и одејќи низ пустината три дена, не најдоа вода за пиење.
23ⓩДојдоа во Мара, но не можеа да пијат вода во Мара, зашто беше горчлива; затоа и го нарекле тоа место Мара.
24ⓐТогаш народот почна да вика против Мојсеј, велејќи: „Што ќе пиеме?“
25ⓑИзвика Мојсеј кон Господ, и Господ му покажа дрво. Тој го фрли дрвото во вода, и водата стана слатка. Таму му даде наредби и закони, и таму го подложи на проверка.
26ⓒИ му рече: „Ако го послушаш добро гласот на Господ твојот Бог, ако правиш што е угодно пред очите Негови, ако ги слушаш заповедите Негови и ако ги пазиш сите наредби Негови, нема да ти пратам ниедна од болестите, што ги пратив над Египет. Зашто Јас сум Господ, твојот исцелител.“
27ⓓПотоа стигнаа во Елим; таму имаше дванаесет извори и седумдесет палми; и се улогорија таму крај водите.