Излез 16:1-36 MKDB2006 - Bible AI

1Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите израелски дојде во пустината Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од египетската земја.

2И почна да се буни целата заедница на синовите израелски против Мојсеј и против Арон во пустината.

3И им рекоа синовите на Израел: „О, да бевме умреле од раката Господова во земјата египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустина, за да го умрете целово ова множество со глад!“

4А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го проверам ќе постапува ли според законот Мој или не;

5а во шестиот ден нека го зготват она, што го собрале, и тоа ќе стане двој­но од она, што го собираат секој ден.“

6Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот народ израелски: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од земјата египетска,

7а утре ќе ја видите славата Гос­подова; зашто Тој го чу негодувањето ваше против Господ. Што сме ние, та да се буните против нас?“

8Потоа Мојсеј рече: „Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; зашто го чу Гос­под негодувањето ваше, што го сто­рив­те против Него. Кои сме ние? Вашето негодување не е против нас, туку против Господ.“

9И му рече Мојсеј на Арон: „Кажи му на целото општество на синовите израелски — ‚застанете пред Господ, зашто Тој го чу вашето незадовол­ство.‘“

10И кога Арон му зборуваше на на­родот, тие погледнаа кон пустината, и ете — славата Господова се појави во облак.

11И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

12„Го чув негодувањето на синовите израелски. Кажи им и речи: ‚Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, вашиот Бог.‘“

13Вечерта долетаа потполошки и го прекрија логорот; а утрината беше паднала роса околу логорот.

14И, ете, кога се крена росата, а тоа: по пустината лежи валчест прав, нешто како бел сињак по земјата.

15И кога видоа синовите израелски, си велеа еден на друг: „Што е тоа?“ Зашто не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: „Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.“

16Еве како заповеда Господ: „Соби­рајте од него, секој колку што му треба за јадење — по еден омер на лице, според бројот на членовите ваши; секој според бројот на домашните што ги има во шаторот, собирајте.“

17И направија така синовите израел­ски: и собраа, кој повеќе, кој помалку.

18Па мереа со омер; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помал­ку, — немаше недостиг; секој имаше онолку, колку што можеше да изеде.

19И им рече Мојсеј: „Никој да не остава од тоа за утре!“

20Но тие не го послушаа Мојсеј, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа црвоса и се усмрде. И се налути Мојсеј на нив.

21И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што може да изеде; а кога сонцето ќе изгрееше, тоа се топеше.

22А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе — по два омера за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеј.

23А тој им рече: „Еве што кажа Господ — утре е сабота, ден за одмор посветен на Господ; што ќе печете — печете, и што треба да варите — варете денес; а што ќе преостане, соберете го и чувајте го за утре!“

24И оставија од него за утре, како што заповеда Мојсеј, и тоа не се усмрде, ниту имаше црвје во него.

25И Мојсеј рече: „Јадете го тоа денес, бидејќи денес е сабота Господова; денес нема да најдете од него во полето.

26Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе го нема.“

27И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа.

28А Господ му рече на Мојсеј: „До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?

29Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој во својот дом, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.“

30И се одмараше народот седмиот ден.

31И синовите израелски тој леб го нарекоа мана[3]. Тој беше бел како коријандрово семе, а по вкус — како медено колаче.

32Тогаш Мојсеј им рече: „Еве што заповеда Господ: ‚Земете еден омер мана, за да се запази во родовите ваши, за да го видат лебот што го јадевте и со кој ве хранев во пустината, кога ве изведов од земјата египетска.‘“

33И му рече Мојсеј на Арон: „Земи еден сад и стави во него еден омер мана, и постави го пред Господ, за да се чува во вашето потомство.“

34И го постави Арон пред ковчегот на заветот, за да се чува, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

35А синовите на Израел јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана сѐ додека не стигнаа до границата на хананската земја.

36А омерот е десетти дел од ефа.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>