Излез 17:1-16 MKDB2006 - Bible AI

1И се крена целото општество на синовите израелски, од пустината Син, продолжувајќи го својот пат по заповед на Господ, и се задржаа во Рефидим; а таму немаше вода да пие народот.

2И народот го укори Мојсеј, велејќи: „Дај ни вода да пиеме!“ А Мојсеј им рече: „Зошто ме укорувате мене? Зош­то Го искушувате Господа?“

3И жеден беше за вода народот таму, па негодуваше против Мојсеј и велеше: „Зошто нѐ изведе од Египет и нас, и синовите наши, и добитокот наш, за да нѐ помориш со жед?“

4А Мојсеј викна кон Господ и рече: „Што да правам со овој народ? Уште малку, па ќе ме каменуваат?“

5Но Господ му рече на Мојсеј: „Излези пред народот, и поведи со себе некои од старешините народни, земи го во раката и стапот свој, со кој го раз­двои морето, па појди.

6А Јас ќе стојам онаму кај карпата на Хорив пред доаѓањето твое; а ти тогаш удри во карпата, и од неа ќе потече вода и народот ќе пие.“ И направи Мојсеј така пред синовите на Израел.

7И тоа место го нарече Маса и Ме­рива[4], поради кавгата помеѓу сино­вите израелски што Го искушуваа Господа, велејќи: „Дали е Господ меѓу нас, или не е?“

8Но тогаш дојдоа Амаликијците во војна против Израелците во Рефидим.

9А Мојсеј, пак, му рече на Исус: „Избери си мажи, па излези и бори се утре против Амаликијците; а јас ќе застанам на врвот од гората и стапот Божји ќе ми биде в рака.“

10И направи Исус, како што му рече Мојсеј, и излезе против Амаликијците; а Мојсеј, Арон и Ор се искачија на вр­вот од планината.

11И кога Мојсеј ги креваше рацете свои — надвладуваа Израелците, а кога ги спушташе рацете — надвладуваа Амаликијците.

12Но рацете на Мојсеј му отежнаа; затоа зедоа камен и го ставија под него, па седна на него: а Арон и Ор му ги потпираа рацете: еден од една страна, а другиот — од другата. Така стоеја рацете Мојсееви кренати до зајдисонце.

13И го победи Исус Амалик и него­виот народ со сечилото на мечот.

14Потоа Господ му рече на Мојсеј: „Запиши го тоа за спомен во книгата, и објасни му на Исус да помни дека сосема ќе го избришам споменот за Амали­кијците од под небото.“

15Тогаш Мојсеј подигна жртвеник, и го нарече „Јахве Ниси“ — Господ ми е знаме!

16„Бидејќи, рече тој, рака се кренала на престолот Господов; Господ ќе војува против Амалик од поколение на по­коление.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>