Излез 23:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1„Не примај лажни изјави; не мешај се со безбожник, та да бидеш сведок на насилство.

2Не поведувај се по мнозинството да правиш зло и не согласувај се со мнозинството против правдата.

3Кон сиромавиот не биди пристрасен кога води спор.

4Ако сретнеш вол на непријателот, или негово магаре заскитано, одведи го кај него.

5Ако видиш дека на твојот непријател му паднало магарето под неговиот товар, немој да го одминуваш, но да му помогнеш да се крене со него.

6Немој да ја извртуваш правдата на сиромавиот твој кога води судски спор.

7Бегај од неправдата и не убивај невин и праведен, бидејќи Јас нема да го оправдам беззаконикот.

8Не примај мито, зашто митото ги заслепува очите на оние што гледаат и ги извртува делата на праведните.

9Туѓинец не притеснувај; вие знаете каква му е душата на туѓинецот, би­дејќи и самите бевте туѓинци во земјата египетска.

10Шест години сеј ја земјата своја и собирај ги плодовите нејзини,

11а седмата — остави ја нека отпочине, за да се хранат сиромасите на твојот народ; а со она, што ќе остане по нив, нека се хранат полските ѕверови; така прави и со лозјето твое и со маслинарникот твој.

12Шест дена врши ги работите свои, а во седмиот ден отпочини, за да здивне волот твој и магарето твое, и да се одмори синот на робинката твоја, како и придојдениот.

13Пазете го сето она, што ви го ка­жав. Не спомнувајте ги имињата на ту­ѓите богови; ова да не се чуе од устата ваша.

14Трипати годишно прославувај Ме со празник:

15пази го празникот Бесквасници; седум дена јади бесквасни лебови, како што ти заповедав, во определеното вре­ме во месецот авив, зашто во тој месец си излегол од Египет; да не се јавуваш пред Мене празен;

16и празникот на жетвата од првите плодови од твојот труд, што си ги посеал на нивата твоја, и празникот на берењето плодови на крајот од секоја година кога го собираш родот од твоите ниви.

17Трипати годишно сите твои од машки пол треба да се јавуваат пред Господ.

18Крвта од жртвата Моја да не се излива врз квасен леб, и од Мојата празнична жртва да не се остава до изутрина.

19Првите плодови од земјата твоја принесувај ги во домот на Господ, твојот Бог. Немој да вариш јаре во млеко од неговата мајка.

20Еве, Јас праќам пред тебе ангел, за да те чува по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил.

21Почитувај го и слушај го неговиот глас; и не противи му се, зашто и тој нема да ви го прости гревот, бидејќи името Мое е во него.

22Ако го послушаш гласот негов, и ако го извршуваш сѐ она што ќе ти речам, ќе им бидам непријател на непријателите твои и противник на противниците твои.

23Кога ангелот Мој ќе појде пред тебе и те одведе кај Аморејците, Хитијците, Перизијците, Хананците, Евејците и Је­ву­сијците, и кога ќе ги истребам:

24немој да им се поклонуваш на боговите нивни, ни да им служиш, ниту да правиш што тие прават, туку скрши ги и спомениците нивни уништи ги.

25Служете Му на Господ, вашиот Бог, и Тој ќе го благослови лебот твој, и водата твоја; и ќе те чувам од секаква болест.

26Жени што пометнуваат и жени бездетни нема да има во земјата твоја; и ќе направам бројот на деновите твои да биде полн.

27И ќе го пуштам ужасот Мој пред тебе, и ќе го уплашам секој народ, на кој ќе наидеш, и ќе ги свртам кон тебе грбовите на сите непријатели твои.

28Ќе пратам пред тебе и стршени, и ќе ги изгонат Евејците, Хананците и Хитијците.

29Нема да ги истерам пред тебе за една година, за да не се запусти земјата и ѕверовите полски да не се размножат против тебе.

30Малку по малку ќе ги изгонувам пред тебе, додека не се намножиш и не завладееш со земјата.

31И ќе ти ја поставам границата твоја од Црвеното Море до Филистејското Море, и од пустината до реката, и ќе ви ги предадам во рацете оние, кои живеат во таа земја, и ќе ги истераш пред тебе.

32Со нив, и со боговите нивни да не сврзуваш завет.

33Да не останат во земјата твоја, за да не те наведат на грев против Мене; зашто, ако им служиш на боговите нивни, тоа ќе биде за тебе стапица.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>