Излез 29:1-46 MKDB2006 - Bible AI

1„А еве што да направиш над нив, за да ги посветиш за Мои свеш­теници: земи теле од говедата и два ов­на здрави,

2и бесквасни лебови, бесквасни погачки замесени со масло, и питки бесквасни намачкани со масло; од пченично бело брашно направи ги.

3Стави ги во една кошница, и принеси ги со кошницата, заедно со телето и двата овна.

4Доведи го Арон и синовите негови пред влезот на скинијата, и измиј ги со вода.

5А откако ќе ги земеш одеждите, облечи го Арон, во хитон и во наметка, во ефод и во наградник и опаши го преку ефодот;

6стави му го на глава кидарот, а на кидарот прицврсти го венецот на светоста.

7И земи масло за помазание, излеј на главата негова и помажи го.

8Потоа доведи ги синовите негови и облечи ги во хитоните.

9И опаши ги со појаси, Арон и не­говите синови, и стави им ги превивките на главата, па свештенството нека им припаѓа вечно. Така ќе ги по­светиш рацете на Арон и на неговите синови.

10Потоа доведи го телето пред вратата на скинијата, и Арон и синовите не­гови нека ги положат рацете свои врз главата на телето.

11И заколи го телето пред Господ, пред влезот во скинијата,

12и земи крв од телето и со твојот прст помажи ги роговите на жртве­никот, а остатокот од крвта, сета излиј ја во подножјето на жртвеникот.

13Потоа земи го сиот лој што ја обвива внатрешноста, кошулката на црниот дроб и обата бубрега со лојот околу нив, и запали ги на жртвеникот.

14А месото од телето, кожата негова и нечистотиите изгори ги на оган надвор од логорот. Тоа е жртва за грев.

15Потоа земи го едниот овен, и Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои врз главата на овенот;

16па заколи го овенот, земи крв од него и со неа полиј го жртвеникот од сите страни;

17овенот, пак, исечи го на делови, из­миј ја внатрешноста и нозете негови, и стави ги врз расечените делови со главата,

18и изгори го целиот овен на жрт­веникот. Тоа е жртва сепаленица пред Господ, мирис благопријатен, жртва на Господ.

19Земи го потоа и другиот овен, та Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои на главата на овенот;

20заколи го овенот и земи од неговата крв, па помажи го со неа крајчето од десното уво на Арон, и крајчето од десното уво на неговите синови, а и палецот на десната рака нивна, и палецот од десната нога нивна; а со крвта, што ќе преостане, попрскај го жрт­веникот од сите страни.

21Потоа земи од крвта, што е на жртвеникот и масло за помазание, и попрскај го Арон и одеждите негови, и синовите негови и одеждите нивни — па ќе бидат осветени тој и одеждите негови, и синовите негови и одеждите на синовите негови со него.

22Освен тоа, земи лој од овенот и опашката негова, и лојот што ја обвива внатрешноста негова, како и кошулката од црниот дроб и обата бубрега и лојот што е на нив, и десната плешка;

23и еден леб и една погачка со масло, и една питка од кошницата со бесквасни лебови, приложена пред Господ.

24Сето тоа стави го врз рацете на Арон и врз рацете на синовите негови, и принеси го тоа со нишање пред Гос­под.

25Потоа земи им го тоа од рацете нивни, и изгори го на жртвеникот, со жртвата сепаленица, за да биде мирисот благопријатен пред Господ: тоа е принос пред Господ.

26И земи ги градите од овенот за Ароновото посветување и принеси ги со нишање пред Господ — и тоа ќе биде твој дел.

27И освети ги градите од приносот, што беа нишани, и плешката на вознесението што беше вознесена, од овенот за посветување на Арон и на синовите негови;

28и тоа нека биде за Арон и за синовите негови вечен дел од синовите на Израел, бидејќи тоа е вознесение; тоа вознесение треба да го прават при благодарствените жртви; нивното вознесение е дар за Господ.

29А светите одежди Аронови по него нека преминат на синовите негови, за да бидат во нив помазувани и во нив да се посветуваат за свештеници.

30Седум дена нека се облекува во нив свештеник од синовите негови, оној, кој на неговото место ќе биде свештеник, кој ќе влегува во скинијата за да служи во светилиштето.

31А овенот за посветување земи го и месото негово свари го на свето место;

32и Арон и синовите негови нека го изедат месото од тој овен со лебовите од кошницата при влезот во скинијата.

33Зашто преку тоа е извршено очис­тување и послужило за нивното посветување во свештенство; човек друг да не јаде, зашто тоа е света работа;

34а и ако остане нешто од месото на жртвата за посветување, или од лебо­вите до изутрина, остатокот изгори го на оган; тоа не треба да се јаде, зашто е светиња.

35И направи така со Арон и со синовите негови сѐ онака како што ти заповедав. Седум дена посветувај ги ра­цете нивни.

36Теле заради гревовите да принесуваш секој ден за очистување; и жртва за грев да принесуваш врз жртвеникот за да го очистиш; и помажи го за да биде осветен.

37Седум дена ќе го очистуваш жртвеникот и ќе го осветуваш, и жртвеникот ќе биде голема светиња; секој кој ќе се допре до жртвеникот, ќе се освети.

38А еве што ќе принесуваш на жр­т­веникот: две јагниња стари една година, секој ден без прекин.

39Едното јагне принесувај го наутро, а другото принесувај го навечер;

40и уште по една десетина ефа пченично брашно измешано со четврт ин исцедено масло, а за преливање — четврт ин вино, за едно јагне;

41а другото јагне принесувај го навечер: со принос од брашно како ут­ринскиот и со исто такво преливање при­несувај го, како благопријатен ми­рис, жртва на Господ.

42Тоа нека биде постојана жртва се­па­леница во поколенијата ваши пред вратата од скинијата, пред Господ, каде што ќе ти се јавувам, за да зборувам со тебе.

43И таму ќе им се јавувам на си­но­вите израелски, и ќе се освети тоа место со славата Моја.

44А ќе ги осветам скинијата и жрт­веникот; и Арон и синовите негови ќе ги осветам, за да Ми свештенодејствуваат.

45Ќе пребивам меѓу синовите израелски и ќе им бидам Бог,

46и ќе познаат дека Јас сум Господ, Бог нивни, Кој ги изведе од земјата еги­петска за да пребива меѓу нив. Јас сум Господ, нивниот Бог.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>