Излез 3:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Мојсеј го пасеше стадото на Јотор, тестот свој, свештеникот мидјански. Еднаш го одведе стадото далеку во пустината и дојде до Божјата планина Хорив.

2И му се јави ангел Господов во огнен пламен од средината на една грмушка. И виде тој, а тоа грмушката гори со оган, а не изгорува.

3И Мојсеј рече: „Да појдам да го видам ова чудо, зошто грмушката не изгорува?“

4А кога Господ виде дека тој доаѓа да види, извика Господ од грмушката и рече: „Мојсеј, Мојсеј!“ А тој одговори: „Еве ме, Господи!“

5А Тој рече: „Не приоѓај ваму. Собуј си ги обувките од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.“

6И му рече: „Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ А Мојсеј го закри лицето свое, зашто се плашеше да погледне во Бога.

7И Господ рече: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова.

8Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во земјата на Хананците, Хитиј­ците, Аморејците, Перизијците, Евеј­ци­те и Јевусијците.

9И еве, сега викотот на израелските синови стигна до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египќаните.

10А сега појди — Јас те испраќам кај фараонот, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите израелски.“

11Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: „Кој сум јас, та да одам кај фараонот, и да ги изведам синовите на Израел од земјата египетска?“

12А Тој рече: „Јас ќе бидам со тебе, и еве ти знак дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му служите на Бога на оваа планина.“

13А Мојсеј Му рече на Бога: „Еве, ќе појдам кај синовите израелски и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме ис­праќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?“

14Бог му одговори на Мојсеј, велејќи: „Јас сум Оној, Кој вечно постои!“ Па продолжи: „Така ќе им кажеш на синовите израелски: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘“

15И пак му рече Бог на Мојсеј: „Вака кажи им на синовите израелски: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘

16Оди и собери ги израелските ста­решини, и кажи им: Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, и ми рече: ‚Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.‘

17И реков: ‚Ќе ве изведам од маките египетски во земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците, и Јевусијците, во земја каде што тече мед и млеко!‘

18И тие ќе го послушаат гласот твој; а ќе отидеш ти и израелските старе­шини кај царот египетски, и ќе му речете: ‚Господ, Бог на Евреите, нѐ по­вика да појдеме на три дена пат во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог.‘

19А Јас знам дека царот египетски нема да ви дозволи да излезете, ако не го натера силна рака.

20Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе го притиснам Египет со сите Мои чудеса, што ќе ги направам таму; потоа ќе ве пушти.

21И ќе му дадам милост на овој народ кај Египќаните, така што, кога ќе појдете, нема да појдете со празни раце.

22Туку секоја жена нека побара од сосетката своја и од онаа што живее во домот нејзин сребрени и златни предмети и облека; и ќе ги украсите со нив синовите ваши и ќерките ваши, и така ќе го ограбите Египет.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>