1ⓨИ Господ му рече на Мојсеј: „Крени се оттука ти и народот, кого го изведе од земјата египетска и оди во земјата, за која им се заколнав на Авраам, Исак и Јаков, велејќи: на потомството ваше ќе му ја дадам;
2ⓩи ќе испратам пред тебе ангел, и ќе ги изгонам Хананците, Аморејците, Хитијците, Перизијците, Евејците и Јевусијците:
3ⓐи ќе те воведам во земјата, каде што тече мед и млеко; Самиот нема да одам со вас, за да не ве погубам по патот, бидејќи вие сте тврдоглав народ.“
4ⓑА народот кога го чу тој страшен збор, се расплака, и никој не го кладе на себе накитот свој.
5ⓒЗашто Господ му беше рекол на Мојсеј: „Кажи им на синовите израелски: вие сте тврдоглав народ; само за миг да се симнам помеѓу вас, ќе ве истребам; а сега симнете го од себе накитот свој, а Јас ќе ви покажам што ќе направам со вас.“
6ⓓИ ги извадија накитите од себе синовите израелски на планината Хорив.
7ⓔА Мојсеј го зеде шаторот свој, и го распна надвор од логорот, и се нарече скинија на собранието; и секој што Го бараше Господа, доаѓаше во скинијата на собранието, која се наоѓаше надвор од логорот.
8И кога Мојсеј тргнуваше кон скинијата, сиот народ стоеше на вратата од својот шатор, и гледаше по Мојсеј, додека не влезе во скинијата.
9ⓕА кога Мојсеј влегуваше во скинијата, се спушташе столб од облак и се задржуваше пред вратата на скинијата, додека Господ зборуваше со Мојсеј.
10И сиот народ го гледаше столбот од облак, кој стоеше пред вратата на скинијата; и сиот народ стануваше, и секој се поклонуваше пред влезот на својот шатор.
11ⓖИ тогаш Господ зборуваше со Мојсеј лице в лице, како што човек зборува со пријателот свој. Потоа Мојсеј се враќаше во логорот, додека неговиот помошник, младиот Исус, синот Навинов, не излегуваше од скинијата.
12ⓗИ Мојсеј му рече на Господ: „Ете, Ти ми велиш: ‚води го тој народ‘, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‚Јас те знам по име и ти најде милост пред Мене.‘
13ⓘПа, ако, сум нашол милост пред Тебе откриј ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да видам дека овие луѓе се Твој народ.“
14ⓙИ му рече: „Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.“
15ⓚА тој му рече: „Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај нѐ одовде,
16ⓛзашто, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И по тоа ќе се разликуваме и народот Твој од сите други народи што се на земјата.“
17ⓜИ Господ му рече на Мојсеј: „Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам многу добро.“
18ⓝПак рече: „Покажи ми ја славата Своја.“
19ⓞМу одговори: „Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава, и ќе Го изговорам името Господово пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, и кој е за утешение — ќе го утешам.“
20ⓟИ потоа рече: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.“
21И пак рече Господ: „Ене место кај Мене, застани на онаа карпа!
22ⓠА кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам;
23а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш откај грбот, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш.“