Излез 36:1-38 MKDB2006 - Bible AI

1И започнаа да работат Веселеил и Охолијав и сите способни луѓе, на кои Господ им беше дал мудрост и знаење да разбираат и да работат се­какви работи, потребни за светилиш­тето, сѐ како што беше заповедал Господ.

2И ги повика Мојсеј Веселеил и Охолијав и сите мудри луѓе, на кои Бог им дал разум во срцето, и сите, кои од срце сакаа да се зафатат за дела што треба да се свршат.

3И тие ги зедоа од Мојсеј сите дарови што ги беа принеле синовите израелски за потребите на светилиштето за да се работи. А тие ги примаа уште и принесуваните дарови од оние што носеа секое утро.

4Тогаш дојдоа сите вешти луѓе, што вршеа работи за светилиштето, секој според својата работа, кој каква што работел,

5па му рекоа на Мојсеј: „Народот при­несува повеќе отколку што е по­требно за да се направи, она што заповеда Господ.“

6И Мојсеј разгласи во таборот, ве­лејќи: „Ни маж ни жена да не принесува ништо повеќе како дар за свети­лиштето.“ И народот престана да принесува,

7зашто имаше доста принесено за се­какви работи што требаше да се направат, дури и преостануваше.

8Тогаш сите вешти луѓе, кои се обврзаа да ја направат скинијата, при­готвија десет платништа од пресукан лен и од сина, пурпурна и црвена волна и на нив направија уметнички извезени херувими.

9Должината на секое платниште из­не­суваше дваесет и осум лакти, а ширината четири лакти; сите платништа беа со иста мерка.

10И Веселеил ги состави петте платништа едно со друго, и другите пет платништа ги состави едно со друго.

11И направи сини петлици по ра­бовите на едното платниште, каде што ќе се соединува со другото; такви направи тој и на работ од последното платниште, за да го соедини со другото.

12Педесет петлици направи на едното платниште, каде што се соединува со другото; петлиците беа една спрема друга.

13И направи педесет златни кукички и со кукичките состави едно платниште со друго. Така скинијата стана една целина.

14Потоа направи платништа од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи:

15едно платниште беше долго триесет лакти, а широко четири лакти; една мер­ка беа сите единаесет платништа.

16Па ги состави петте платништа одделно, а шесте платништа одделно.

17И направи педесет петлици по работ од крајното платниште, каде што се соединува со другото, и педесет петлици направи по работ на другото платниште, за да се соединува со другото;

18а направи и педесет кукички од бакар, за да се состави покривот, та да стане целина.

19Потоа направи покрив за скинијата од овнешки кожи, црвени, а над неа друга — од сини кожи.

20И направи штици за скинијата од дрвото шитим, што ќе стојат испра­вени;

21секоја штица од по десет лакти долга, а лакот и половина широка;

22секоја штица имаше по два клина, еден спроти друг; така направи тој на секоја штица од скинијата.

23А вакви штици за скинијата направи дваесет за јужната страна:

24и направи четириесет подножја среб­рени за под дваесетте штици, по две подножја под секоја штица за двата клина нејзини, и по две подножја под другата штица за двата нејзини клина.

25И за другата страна на скинијата, спрема север, направи дваесет штици,

26и четириесет сребрени подножја: две подножја под едната штица и две подножја под другата штица.

27А за задната страна на скинијата, кон запад, направи шест диреци;

28направи уште две штици за аглите на скинијата од задната страна;

29тие беа составени одоздола и одозгора со една алка; така направи тој со обете страни на двата агла;

30и така имаше осум штици и шеснаесет подножја сребрени, по две подножја под секоја штица.

31Потоа направи напречници од дрвото шитим: пет за штиците од едната страна на скинијата,

32и пет напречници за штиците од другата страна на скинијата, и пет напречници за штиците од задната страна на скинијата.

33А направи и внатрешна напречница што ќе иде преку средината на штиците од едниот до другиот крај;

34диреците ги опкова со злато, а и алките, низ кои беа провлечени напреч­ниците, ги направи од злато, па и на­пречниците ги опкова со злато.

35Потоа направи завеса од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен и на неа направи херувими, уметнички извезени;

36за неа направи и четири столба од дрвото шитим, и ги опкова со злато; и златни кукички за столбовите и им излеа четири подножја од сребро.

37Направи потоа завеса за влезот во скинијата од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен, уметничка изработка,

38и пет столбови за неа со кукичките нивни; врвовите на столбовите и нивните прстени ги обложи со злато, и направи пет подножја од бакар.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>