Излез 4:1-31 MKDB2006 - Bible AI

1Тогаш Мојсеј одговори и рече: „А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат — ‚Не ти се јавил Господ?‘“

2А Господ му рече: „Што ти е тоа во раката?“ А тој одговори: „Стап.“

3И му рече: „Фрли го на земја!“ И го фрли на земја, а тој стана змија. И Мојсеј избега од неа.

4А Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката.“ И ја испружи раката и ја фати, и пак стана стап во раката негова.

5„Така ќе поверуваат дека ти се јавил Господ, Бог на татковците нивни, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“

6И пак му рече Господ: „Стави ја сега раката своја во пазувата своја!“ И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег.

7И му рече: „Стави ја пак раката сво­ја во пазувата своја!“ И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово.

8„Па, ако не ти поверуваат и не го послушаат гласот твој при првиот знак, ќе ти поверуваат при вториот знак.

9А ако не поверуваат ни на двата знака и не го послушаат гласот твој, а ти тогаш земи вода од реката, и истури ја на копното; и водата, земена од реката, ќе се претвори во крв на земјата.“

10А Мојсеј Му рече на Господ: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам.“

11А Господ рече: „Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не сум тоа Јас, Господ?

12Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата, и ќе те научам, што да зборуваш.“

13Но тој пак рече: „Те молам, Гос­по­ди, избери друг, што ќе го испратиш.“

14И се разгневи Господ на Мојсеј, и рече: „Нели ти е брат Арон левитот? Знам дека е способен да зборува; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во срцето свое.

15Нему ќе му говориш и ќе ги ставаш зборовите во устата негова; а Јас ќе бидам со устата твоја и со устата негова и ќе ви покажам што да правите.

16И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога.

17А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.“

18Тогаш отиде Мојсеј и се врати кај својот тест Јотор и му рече: „Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.“ Јотор му рече на Мојсеј: „Оди со здравје!“

19И Господ му рече на Мојсеј во Мидјан: „Оди, врати се во Египет, заш­то изумреа сите, што ја бараа душата твоја.“

20Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и синовите свои, и ги качи на магариња, и замина за Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја.

21И му рече Господ на Мојсеј: „Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гле­дај да ги направиш пред фараонот сите чуда, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот.

22А ти кажи му на фараонот: Вака вели Господ: Израел е Мојот првороден син.

23Јас ти велам: пушти го синот Мој да Ми служи. Ако не го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороден син.“

24И кога патем ноќеваше, го сретна Господ и сакаше да го убие.

25Тогаш Ципора зеде остар камен, и ја обреза крајната плот на својот син, и фрлајќи ја пред нозете негови, рече: „Ти си мојот крвав младоженец.“

26Тогаш Тој отиде од него; а таа рече: „Поради обрезанието си крвав мла­доженец.“

27А Господ му рече на Арон: „Излези во пустината и оди да го сретнеш Мојсеј!“ И тој отиде и го сретна на планината Божја, и го бакна.

28Мојсеј, пак, му ги кажа на Арон сите зборови Господови: Кој го испрати, и сите чуда, што му заповеда да ги изврши.

29И отидоа Мојсеј и Арон и ги собраа сите старешини на синовите израелски.

30А Арон ги кажа сите зборови, што му ги беше кажал Господ на Мојсеј, а Мојсеј ги изврши сите чуда пред очите на народот.

31Народот поверува. И откако слуш­наа дека Господ ги посетил синовите израелски и погледнал на маката нивна, паднаа на колена и се поклонија.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>