1ⓥИ Господ му рече на Мојсеј: „Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог на фараонот; а Арон, братот твој, ќе ти биде пророк.
2Ти ќе зборуваш сѐ, што ќе ти заповедам, а Арон, пак, братот твој, ќе му зборува на фараонот да ги пушти синовите на Израел од земјата своја.
3ⓦНо Јас ќе го ожесточам срцето на фараонот, и ќе ги умножам знаците Мои и чудата Мои во египетската земја.
4ⓧФараонот сепак нема да ве послуша. Но Јас ќе ја ставам раката Своја над Египет и со силата Моја ќе го изведам воинството Мое, народот Мој, синовите на Израел, од земјата египетска со страшни осуди.
5ⓨИ ќе познаат сите Египќани дека Јас сум Господ, кога ќе ја протегнам раката Своја над Египет и кога ќе ги изведам синовите на Израел од нивната средина.“
6ⓩИ направија така Мојсеј и Арон: како што им заповеда Господ, така направија.
7ⓐМојсеј имаше осумдесет години, а Арон — осумдесет и три години кога зборуваа со фараонот.
8И Господ им рече на Мојсеј и на Арон, велејќи:
9ⓑ„Ако фараонот ви каже: ‚Направете некакво чудо‘, тогаш кажи му на Арон: ‚Земи го стапот твој и фрли го пред фараонот и тој ќе стане змија.‘“
10Потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот и направија така, како што им заповеда Господ. И го фрли Арон стапот свој пред фараонот и пред слугите негови, и тој стана змија.
11ⓒТогаш фараонот ги повика мудреците и волшебниците; и тие го направија истото со своите волшебништва.
12И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; меѓутоа стапот Аронов ги проголта нивните стапови.
13ⓓНо срцето фараоново се стврдна и не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ.
14ⓔИ Господ му рече на Мојсеј: „Тврдо е срцето фараоново; и нема да го пушти народот.
15ⓕПојди утре кај фараонот. И ете, тој ќе излезе до водата, и пресретни го на речниот брег; стапот, пак, што се претвори во змија, земи го во раката своја.
16ⓖИ речи му: Господ, Бог на Евреите, ме испрати кај тебе да ти кажам: ‚Пушти го народот Мој за да ми изврши служба во пустината!‘ Но ти, ете, досега не Го послуша.
17ⓗЗатоа Господ вели: ‚По ова ќе познаеш дека Јас сум Господ.‘ Еве, со стапов, што ми е во раката; ќе удрам по водата, што е во реката, и таа ќе стане крв.
18ⓘИ рибите што се во реката ќе изумрат, и реката ќе се усмрди, а Египќаните не ќе можат да пијат вода од реката.“
19ⓙМу рече Господ на Мојсеј — „Кажи му на Арон: ‚Земи го стапот свој и пружи ја раката своја над водите египетски: над реките нивни, над потоците нивни, и над езерата нивни, и над сите нивни собиралишта на води; и тие ќе се претворат во крв. И сѐ ќе стане крв по целата египетска земја, и во дрвените и во камените садови.‘“
20ⓚИ направија Мојсеј и Арон така, како што заповеда Господ. И го зеде Арон стапот свој, па удри по речната вода пред очите на фараонот и слугите негови. И сета речна вода се претвори во крв.
21И изумреа рибите, што беа во реката, и се усмрди реката, така што Египќаните не можеа да пијат вода од реката; и крв имаше по целата египетска земја.
22ⓛНо и врачевите египетски го направија истото со своето вражање. И срцето на фараонот се ожесточи и тој не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ.
23Потоа се сврте фараонот и си отиде дома; и ни од тоа не се поучи тој.
24ⓜА Египќаните, сите, почнаа да копаат околу реката, барајќи вода за пиење; зашто не можеа да пијат вода од реката.
25И така изминаа седум дена, откако Господ ја казни реката.
26ⓝПотоа Господ пак му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, и речи му — вака вели Господ: ‚Пушти го народот Мој, да Ми изврши служба.‘
27ⓞА ако не се согласиш да го пуштиш, еве, Јас ќе ја казнам целата земја твоја со жаби;
28ⓟи реката ќе се исполни со многу жаби, и тие ќе излезат и ќе влезат кај тебе дома, и во твојата спална, и во постелата твоја, и во куќите на слугите твои и народот твој, и во печките твои, и во ноќвите твои.
29Врз тебе ќе скокаат жаби и врз народот твој и врз слугите твои.“