Излез 8:1-28 MKDB2006 - Bible AI

1И му рече Господ на Мојсеј: „Кажи му на Арон: Пружи ја раката твоја со стапот свој врз реките, врз потоците и врз езерата, и направи жаби да излезат по земјата египетска.“

2И ја пружи Арон раката своја врз водите египетски, и произлегоа жаби; и ја покрија земјата египетска.

3Но и врачевите го направија истото со своето вражање, па изведоа жаби по земјата египетска.

4Тогаш фараонот ги повика Мојсеј и Арон и им рече: „Помолете Му се на Господ, да ги отстрани жабите од мене и од народот мој, и јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Гос­под.“

5А Мојсеј му рече на фараонот: „Определи кога сакаш да Му се помолам за тебе, за слугите твои и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од куќите ваши, а само во реката да останат.“

6И рече: „Утре.“ А Мојсеј рече: „Не­ка биде како што рече ти, за да познаеш дека нема друг како Господ, нашиот Бог.

7Ќе отидат жабите од тебе, од куќите твои, од слугите твои и од народот твој; само во реката ќе останат.“

8Потоа Мојсеј и Арон излегоа откај фараонот. И Мојсеј Му се помоли на Господ за жабите, што Тој ги беше испратил врз фараонот.

9И Господ направи како што измоли Мојсеј: жабите изгинаа по куќите, по дворовите и по нивите.

10И ги собраа на купишта, така што земјата засмрде.

11А кога фараонот виде дека злото помина, му отврдна срцето, и не ги по­слуша нив, како што беше рекол Господ.

12Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Кажи му на Арон: ‚Пружи го стапот свој, и удри по земјата‘ — и ќе се појават мушички по целата земја египетска.“

13Така и направија: Арон го пружи со раката стапот свој, и удри по правот на земјата, и се појавија мушички по луѓето и по добитокот; сиот песок на земјата се претвори во мушички, по целата земја египетска.

14Се обидоа и вражачите со вра­жањето свое да произведат мушички, но не можеа. И имаше мушички по луѓето и по добитокот.

15И му рекоа вражачите на фараонот: „Ова е знак Божји!“ Но срцето на фара­онот пак се стврдна, и не ги послуша, како што беше рекол Господ.

16И Господ му рече на Мојсеј: „Стани утре рано и појди кај фараонот. Тогаш тој ќе излезе кај реката, а ти кажи му: ‚Вака вели Господ: пушти го народот Мој, да Ми изврши служба.‘

17А ако не сакаш да го пуштиш народот Мој, еве, Јас ќе пуштам врз тебе и врз слугите твои, и врз народот твој и во домовите твои бубачки, и ќе се исполнат со бубачки куќите египетски, и земјата на која стојат.

18А во оној ден ќе ја одделам земјата Гесем, каде што живее Мојот народ, и таму нема да има бубачки, за да познаеш дека Јас сум Господ на земјата.

19И ќе направам разлика меѓу на­родот Мој и народот твој. Утре ќе го има тој знак.“

20И направи Господ така: и се појавија многу бубачки во куќата фараонова, во куќите на слугите негови и во целата земја египетска; земјата настрада од бубачките.

21Фараонот ги повика Мојсеј и Арон, и им рече: „Отидете, принесете Му жрт­ва на вашиот Бог во оваа земја!“

22Но Мојсеј рече: „Не е можно така да биде, зашто принесувањето жртва на Господ, нашиот Бог, е нечисто за Египќаните; ако ние принесеме нечиста за Египќаните жртва пред нивните очи, нема ли тие да нѐ убијат со камења?

23Три дена пат ќе одиме во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог, како што Тој ќе нѝ каже.“

24И фараонот рече: „Ќе ве пуштам да Му принесете жртва на Господ, вашиот Бог, во пустината; но не одете подалеку, и помолете се и за мене!“

25А Мојсеј рече: „Еве, јас одам од те­бе и ќе Му се помолам на Господ, и бубачките утре ќе исчезнат од тебе и од слугите твои, а и од народот твој. Но престани, фараоне, да нѐ мамиш, не пуштајќи го народот да Му принесе жртва на Господ!“

26И отиде Мојсеј од фараонот, и Му се помоли на Господ.

27И Господ направи како што измоли Мојсеј, и си отидоа бубачките од фара­онот, и од слугите негови, и од народот негов; не остана ниедна.

28Но пак се ожесточи срцето фарао­ново, и пак не го пушти народот.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>