Излез 9:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Појди кај фараонот и кажи му: ‚Вака вели Господ, Бог на Евреите: пуш­ти го народот Мој, за да ми изврши служба.‘

2Зашто, ако не го пуштиш, па и понатаму го задржуваш,

3еве, раката Господова ќе дојде врз добитокот твој во полето, врз коњите, врз магарињата, врз камилите, врз говедата и врз ситниот добиток и многу голем помор ќе настане.

4И ќе го раздели Господ израелскиот од египетскиот добиток; и од сиот добиток на синовите израелски нема ништо да загине.“

5И определи Господ време, велејќи: „Утре ќе го направи тоа Господ во оваа земја.“

6И го изврши тоа Господ утредента, и сиот добиток египетски пцовиса; а од добитокот на синовите израелски ништо не загина.

7И виде фараонот дека од добитокот израелски не беше загинато ниту едно грло. Но фараоновото срце одново се ожесточи, и тој пак не го пушти народот.

8Тогаш Господ им рече на Мојсеј и на Арон, велејќи: „Земете полни раце пепел од печката, и Мојсеј нека ја фрли пред фараонот спрема небото;

9и ќе се дигне прав по целата египетска земја; а од неа ќе се појават струпје и на луѓето, и на добитокот по целата египетска земја.“

10И зедоа пепел од печката, и застанаа пред фараонот; па ја фрли Мојсеј спрема небото, и се појавија гнојни струпје по луѓето и по добитокот.

11И вражачите не можеа да стојат пред Мојсеј поради струпјето, зашто струпје имаше и на вражачите и на сите Египќани.

12И го ожесточи Господ срцето на фараонот и тој не ги послуша, како што му беше рекол Господ на Мојсеј.

13Потоа му рече Господ на Мојсеј: „Стани утре рано и излези пред фараонот и речи му: ‚Еве што вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, за да Ми изврши служба,

14бидејќи овој пат ќе ги пуштам сите мои зла, против тебе, против твоите слуги и против твојот народ, за да по­знаеш дека нема друг каков што сум Јас на целата земја.

15Зашто сега, ако ја пружам Својата рака, ќе те казнам тебе и народот твој со помор, така што ќе се истребите од земјата.

16А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја.

17Уште ли ќе се креваш против Мојот народ, и уште ли нема да го пушташ?

18Па, еве, утре, токму во овој час, Јас ќе пратам град многу голем, каков што немало во Египет, откако настанал па досега.

19Затоа, сега нареди да се прибере добитокот твој, и сѐ што имаш по полето; бидејќи врз сите луѓе и врз сиот добиток што ќе се затечат во полето и не бидат прибрани дома, ќе падне град и ќе изгинат.‘“

20Оние фараонови слуги, кои се уплашија од зборовите Господови, брзо ги прибраа слугите свои и добитокот свој по куќите.

21А оној, пак, кој не им поверува на зборовите Господови, тој ги остави слугите свои и добитокот свој во полето.

22И му рече Господ на Мојсеј: „Пружи ја раката своја кон небото, и ќе удри град по целата египетска земја — врз луѓето, врз добитокот и врз тревата земна.“

23И Мојсеј го крена стапот кон небото и Господ пушти громови и град, и молњите ги состави со земјата. И прати Господ град врз египетската земја.

24Паѓаше град, а и молњи имаше меѓу градот многу силни, какви што немало во египетската земја, откако биле населени луѓе во неа.

25А градот уништи во целата земја египетска сѐ што беше надвор — од човек до животно; и градот ги уништи сите растенија по полето, и сите дрвја во полето ги испокрши.

26Само во земјата Гесем, каде што беа синовите на Израел, немаше град.

27Тогаш прати фараонот, и ги пови­каа Мојсеј и Арон, и им рече: „Сега згрешив; Господ е праведен, а јас и мојот народ сме виновни.

28Помолете Му се на Господ; нека престанат громовите Божји и градот, па ќе ве пуштам, и повеќе никој нема да ве задржува.“

29А Мојсеј му рече: „Штом ќе изле­зам од градот, ќе ги кренам рацете мои кон Господ, и громовите ќе престанат и град повеќе нема да има, за да познаеш дека земјата е Господова.

30Но јас знам дека ти и слугите твои уште нема да се уплашите од Господ Бог.“

31И така пропаднаа ленот и јачменот, зашто јачменот беше искласил, а ленот — фаќаше семе.

32А пченицата и р'жта не пропаднаа, бидејќи беа доцни жита.

33И Мојсеј излезе откај фараонот надвор од градот, ги издигна рацете свои кон Господ; и престанаа громовите и градот, и не паѓаше веќе дожд на земјата.

34Но фараонот, откако виде дека пре­станаа дождот, градот и громовите, про­­должи пак да греши, и закорави срцето негово и на слугите негови.

35И се ожесточи срцето фараоново, и тој пак не ги пушти синовите на Из­раел, како што беше рекол Господ преку Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>