Изреки 1:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1Изреки на Соломон, син Давидов, цар израелски,

2за да се познае мудроста и поуката, за да се разберат изреките на разумот;

3за да се усвојат правилата на бла­горазумието, правосудието, судот и правината;

4да им се даде на простите разумност, на младите — знаење и расудување.

5Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети,

6за да разбира мудра изрека и длабок збор, зборовите на мудреците и нивните гатанки.

7Почеток на мудроста е стравот Гос­подов; само глупавите ги презираат мудроста и поуката.

8Слушај ја, синко, поуката на својот татко и не отфрлај го заветот на мајка си,

9зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој.

10Синко, ако те мамат грешници, не попуштај;

11ако кажат: „Дојди со нас, да напра­виме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина,

12жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб;

13да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен;

14ти ќе фрлаш ждрепка заедно со нас, една торба ќе има за сите нас.“

15Синко, не оди на пат со нив, за­држи си ја ногата од патеките нивни,

16зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат;

17зашто напразно е да се распнува мрежа пред очите на сите птици.

18Но тие прават заседа против крв­та своја, демнат против душите свои.

19Такви се патиштата на секој, кој е алчен на туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил.

20Мудроста говори високо на улицата, го крева гласот свој по плош­тадите,

21проповеда во главните места за со­бирање, при влезовите на градските порти смело говори:

22„До кога, незнајници, ќе го сакате незнаењето? До кога бујните ќе се насладуваат со бујноста? До кога глупавите ќе го мразат знаењето?

23Обрнете се кон моите изобли­чу­вања; еве, јас ќе го излеам духот свој врз вас, ќе ви ги кажам зборовите свои.

24Јас викав, а вие не послушавте; ја протегав својата рака, но никој не ја забележа;

25вие ги отфрливте моите совети, не внимававте кога ве изобличував.

26Затоа ќе се насмеам на вашата по­гибел; ќе се зарадувам кога ќе ве снајде ужас,

27кога ќе ве нападне ужас како бу­ра, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и мака.

28Тогаш ќе ме викаат, но јас нема да чујам; ќе ме бараат и нема да ме најдат.

29Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов;

30затоа што не го примија мојот совет и ги презреа моите разобличу­вања.

31Поради тоа тие ќе јадат од плодо­вите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите замисли.

32Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а глупавите ќе ги погуби нивната негрижа;

33но кој мене ме слуша, ќе живее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>