Изреки 12:1-28 MKDB2006 - Bible AI

1Кој ја сака поуката, го сака знаењето; а кој го мрази изоб­личу­вањето — неразумен е.

2Добриот добива благодат од Гос­под, а на подмолниот Тој ќе му суди.

3Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен.

4Добродетелна жена е венец за ма­жот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови.

5Мислите на праведните се правда, а плановите на безбожниците — подмолност.

6Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува.

7Каде и да се свртат нечестивите — исчезнуваат, а домот на праведните ос­танува.

8Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен.

9Подобро да си мал, но да работиш за себеси, отколку да се правиш големец, а да немаш леб.

10Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на безбож­никот е жестоко.

11Кој ја обработува земјата своја, ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, неразумен е.

12Желбата на грешникот е стапица од зло; но коренот на праведниците дава плод.

13Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа.

14Од плодот на устата своја човекот се наситува со добро, и на човек му се дава според делата на неговите раце.

15Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар.

16Глупавиот веднаш ќе го покаже гневот свој, а благоразумниот ја сми­рува лутината своја.

17Кој го кажува она што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок говори измама.

18Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите лекува.

19Праведната уста вечно живее, а лажливиот јазик — само еден миг.

20Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротвор­ците — радост.

21Праведниот нема да го достаса никакво зло, а безбожниците ќе бидат преполни со зло.

22Лажливата уста е одвратност пред Господ, а кој говори вистина, благоугоден Му е Нему.

23Расудлив човек го прикрива зна­ењето свое, а срцето на глупавите го разгласува своето безумие.

24Раката на работливите ќе господари, а мрзливоста води во ропство.

25Тагата во срцето го притиска чове­кот, а добриот збор го развеселува.

26Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечестиви­те ги води во заблуда.

27Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство.

28По патот на правдата има живот, и во нејзината патека нема смрт.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>