Изреки 14:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1Мудрата жена си ја гради куќата, а глупавата ја урива со своите раце.

2Кој оди по прав пат, се плаши од Господ; на кого патиштата му се криви, тој Го презира (Господа).

3Во устата на безбожникот е кам­шикот на гордоста; а мудрите ги чува нивната уста.

4Каде што нема волови, амбарите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито.

5Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги.

6Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа.

7Бегај од безумен човек, кај него нема да најдеш разумна уста.

8Мудар човек внимава на своето однесување, неразумноста на глупавите ги води во заблуда.

9За глупавите гревот е шега, а со праведните е милоста Божја.

10Секој сам ги доживува своите таги и своите радости и никој друг не може со него да ги сподели.

11Куќата на беззакониците ќе се сотре, а живеалиштето на праведните ќе преуспее.

12Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт.

13И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настапува тага.

14Човек со развратно срце ќе ги добие плодовите на своето однесување, а добриот — ќе живее во задоволство.

15Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори.

16Мудриот има страв и бега од злото, а неразумниот не се чува, бидејќи се чувствува безбеден.

17Избувливиот човек прави глупости, а пакосниот е омразен.

18Безумните глупост добиваат за на­града, а благоразумните се украсуваат со знаење.

19Лошите ќе се поклонат пред добрите, а безбожните — пред вратите на праведникот.

20Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели.

21Греши оној што го презира својот ближен, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите.

22Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Но милост и верност има кај оние што мислат добро.

23Од секој труд има добивка, а празните зборови водат кон скудност.

24Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е глупост.

25Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува.

26Во стравот пред Господ има голема надеж, и на чедата Свои Тој им е прибежиште.

27Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта.

28Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ — пропаст е за господарот.

29Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости.

30Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските.

31Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда.

32За своето зло безбожниот ќе про­падне, а праведниот и при смртта ќе има надеж.

33Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот ја нема.

34Правдата народ подига, а беззаконието срамоти народи.

35На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>