Изреки 15:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор ја­рост предизвикува.

2На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупости блуе.

3Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат и лошите и добрите.

4Кроток јазик е дрво на животот, а злиот — рана на душата.

5Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша прекор, разумен е.

6Во куќата на праведникот — големо богатство, а печалбата на нечестивиот — пропаѓа.

7Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така.

8Жртвата на безбожните е одвратност пред Господ, а молитвата на праведните Му е пријатна.

9Патот на нечестивиот е одвратност пред Господ, а кој ја бара правдата, Тој го сака него.

10Остра казна го чека оној што го остава правиот пат, а кој го мрази изоб­личувањето — ќе загине.

11Пеколот и пропаста се откриени пред Господ, а како ли нема да бидат — срцата на синовите човечки?

12Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите.

13Весело срце го прави лицето весело, а при тажно срце — и лицето е ната­жено.

14На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со глупост се хранат.

15На несреќниот сите дни му се таж­ни; а животот на среќниот е постојано празнување.

16Подобро малку, но со страв Гос­подов, отколку големо богатство, и со него немир.

17Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза.

18Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот караници смирува.

19Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист.

20Мудриот син го радува татко си, а безумниот нема почит кон мајка си.

21На неразумниот безумни му се па­теките, а разумен човек оди по правиот пат.

22Без советување намерите се осуетуваат, а при многу советници тие успеваат.

23Пријатно е да се знае добро да се одговори. Колку добар е зборот изго­ворен во вистинскиот момент!

24Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси.

25Господ ќе го сотре домот на горделивите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне.

26Помислите на лошите се одвратни пред Господ, а зборовите на непо­рочните Му се угодни.

27Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази поткуп, ќе живее.

28Срцето на праведниот мисли што зборува, а устата на нечесните исфрла зло.

29Господ е далеку од безбожните, но ја слуша молитвата на праведните.

30Светол поглед срце радува, добра вест коски храни.

31Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее.

32Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличу­вање, тој придобива разум.

33Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>