Изреки 16:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1Човекот размислува во срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господ.

2Сите дела на човекот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги испи­тува душите.

3Предај ги делата свои на Господ, и твоите намери ќе се исполнат.

4Господ направил сѐ со определена цел, а и безбожниците — за судниот ден.

5Секој горделив по срце е одвратност пред Господ: биди сигурен дека тој нема да остане неказнет.

6Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува.

7Кога на Бога Му се пријатни патиш­тата на човекот, Тој и со непријателите негови го смирува.

8Подобро мала печалба со правда, отколку голема добивка со неправда.

9Човекот сам го обмислува патот свој, но Господ управува со него.

10Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд.

11Точните мерила и тасовите се од Господ; од него се и сите точни мери.

12Незаконското дело е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајакнува.

13Справедлива уста на царот му е пријатна, и тој го сака оној, што ја кажува вистината.

14Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот.

15Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд.

16Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за претпочитување отколку одбрано сребро.

17Патот на праведните е отстранува­ње од злото: кој ги пази своите патишта — душата своја ќе ја запази.

18Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање — надменоста.

19Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви.

20Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Гос­под, блажен е.

21Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето.

22Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е глупост.

23Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, и го умножува знаењето во устата негова.

24Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити.

25Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта.

26Кој се труди, се труди за себе, зашто кон тоа устата го упатува.

27Лукав човек зло замислува, во устата своја — оган разгорува.

28Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува.

29Злонамерен човек го мами својот ближен и го води кон лош пат;

30замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усни­те, извршува зло.

31Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата.

32Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себе, подобар е и од освојувач на градови.

33Ждрепка се фрла во скут, но сѐ што решава таа, од Господ е.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>