1ⓡТврдоглавиот се управува според своите желби и станува против сѐ што е умно.
2ⓢБезумниот не сака знаење, туку само да ги изложи своите мисли.
3ⓣСо доаѓањето на нечесниот, доаѓа и презирот, а со недостојниот — доаѓа и срамот.
4ⓤЗборовите на човечката уста се длабоки води; извор на мудроста — брзотечен поток.
5ⓥНе е добро да бидеш лицемерен кон безбожниот, за да го собориш праведниот во судот.
6ⓦУстата на безумниот води кон кавга, а зборовите негови предизвикуваат тепачка.
7ⓧЈазикот на безумниот е погибел за него, а усните негови се стапица за душата негова.
8ⓨЗборовите на клеветникот се како слатки, и тие влегуваат внатре во утробата.
9ⓩНемарниот во работата своја е брат на расипникот.
10ⓐИмето на Господ е цврста кула: ако во неа побегне праведник, безбеден е.
11ⓑИмотот на богат човек е како тврдина и во мислите му е како висока ограда.
12ⓒПред паѓање срцето на човекот се возгордејува, а смиреноста оди пред славата.
13ⓓКој дава одговор пред да ислуша, безумен е; тоа е срам за него.
14ⓔДухот на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен дух — кој може да поткрепи?
15ⓕСрцето на разумниот се здобива со знаење, и увото на мудрите бара поука.
16ⓖПодарокот што го дава човекот, му отвора пат и до големците го доведува.
17ⓗПрвиот по тужбата си е прав, но доаѓа противникот негов и го порекнува.
18ⓘЖдрепката прекинува расправии и решава спор меѓу силните.
19ⓙНавреден брат е понепристапен од утврден град, а караниците понепопустливи од затварало на кула.
20ⓚОд плодот на устата на човекот се полни стомакот негов; од плодовите на устата своја тој се наситува.
21ⓛСмртта и животот му се потчинети на јазикот, и оние што го владеат, ќе вкусат од плодовите негови.
22ⓜКој нашол жена, нашол среќа и добил благодат од Господ.
23ⓝСиромавиот говори со молба, а богатиот одговара остро.
24ⓞКој сака да има пријатели, и сам треба да биде дружељубив; зашто има пријатели поприврзани од брат.