1ⓟПодобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав.
2ⓠНе ѝ е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува.
3ⓡГлупавоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господ.
4ⓢБогатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов.
5ⓣЛажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси.
6ⓤМнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци.
7ⓥСиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори — но нив ги нема.
8ⓦКој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа среќа.
9ⓧЛажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага, ќе загине.
10ⓨНа глупавиот не му прилега раскош, уште помалку на слуга — да господари над кнезови.
11ⓩБлагоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде попустлив кон грешките.
12ⓐГневот на царот е како лавовско рикање, а милоста негова — како роса по трева.
13ⓑГлупав син е пропаст за татко си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа.
14ⓒКуќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господ.
15ⓓМрзливоста тера во сон, а немарна душа трпи глад.
16ⓔКој пази заповед, ја запазува душата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине.
17ⓕКој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господ, и Тој ќе му плати за неговата добрина.
18ⓖКазни го синот свој, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово.
19ⓗГневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе.
20ⓘСлушај совет и примај поука, за да станеш потоа мудар.
21ⓙВо срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господ.
22ⓚРадост за човекот е неговата милостина; подобро да бидеш сиромав отколку лажливец.
23ⓛСтравот Господов води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде.
24ⓜМрзливиот ја пружа раката кон храната, но не сака да ја подигне до устата своја.
25ⓝАко го казниш оној што се потсмева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката.
26ⓞКој го упропастува татко си и ја набркува мајка си, тој е бесрамен и нечесен син.
27ⓟНемој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни.
28ⓠЛукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда.
29ⓡГотови се судовите за горделивите, и ударите за телото на безумните.