Изреки 26:1-28 MKDB2006 - Bible AI

1Како снег во летно време и дожд во време на жетва, така и честа не му прилега на безумниот.

2Како врапче што ќе фркне, како ластовица што ќе одлета, — така и незаслужена клетва нема да се збидне.

3Камшик — за коњ, узда — за магаре, а стап — за безумните.

4Не му одговарај на безумниот спо­ред глупоста негова, за да не станеш и ти сличен на него;

5но одговори му на безумниот против глупоста негова, за да не помисли дека е мудар.

6Кој усно порачува на безумен, тој ги потсекува нозете свои, трпи непријатност.

7Како што криват нозете на куциот, така и расказот куца во устата на безумните.

8Тоа што е оној што клава во праќа скапоцен камен, таков е и оној, кој му прави чест на безумен.

9Она што е трнлива гранка во раката на пијаница, тоа е и зборот во устата на безумните.

10Силниот сѐ врши по своја волја: и глупавиот го дарува, и секој минувач го наградува.

11Како што кучето се враќа на изблуеното, така и безумниот ја повторува својата глупост.

12Ако си видел човек, кој се смета за мудар, тогаш повеќе надевај се на безумен, отколку на него.

13Кога го испраќаат мрзливиот на пат, тој вели: „Ѕвер е на патот, лав има на плоштадот!“

14Вратата се врти на куките свои, а мрзливиот — на леглото свое.

15Мрзливиот ја пружа раката своја кон храната, но тешко му е да ја принесе до устата своја.

16Мрзливиот самиот се смета за по­мудар од седуммина, кои смислено од­говараат.

17Кој, минувајќи, се замешува во туѓа караница, фаќа куче за уши.

18Како што разгневениот фрла оган, стрели и смрт,

19таков е и човекот, кој подмолно го оштетува пријателот свој и потоа вели: „Јас само се пошегував.“

20Кога нема веќе дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, раздорот стивнува.

21Јагленот е за жар, а дрвата — за оган, кавгаџијата, пак — кавга да разго­рува.

22Зборовите на оговарачот се како слатки и влегуваат внатре во утробата.

23Она што е глинен сад, глеѓосан со сребро, такви се пламените усти и злобното срце.

24Со устата своја непријателот се преправа, а во срцето подмолност крие;

25кога говори дури и со нежен глас, не верувај му, зашто во срцето негово има седум одвратности.

26Ако омразата негова се прикрива насамо, злобата негова ќе се открие во собранието народно.

27Кој копа јама, ќе падне во неа, и кој тркала камен угоре, врз него ќе се врати.

28Лажливиот јазик ги мрази оние, што ги повредил, и устата ласкава подготвува пропаст.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>