1ⓝБезбожниот бега, кога никој не го гони; а праведниот е смел како лав.
2ⓞКога земјата ќе отстапи од законот, тогаш во неа има многу началници; а при разумен и вешт маж управата е долговечна.
3ⓟЧовек сиромав кој врши зло над слабите е исто како излеан дожд, кој нанесува штета.
4ⓠОтстапниците од законот ги фалат нечесните, а оние што го почитуваат законот, негодуваат против нив.
5ⓡЛошите луѓе не ја разбираат справедливоста, а оние, што Го бараат Господа, разбираат сѐ.
6ⓢПодобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку оној што ги искривува своите патишта, макар и да е богат.
7ⓣКој го пази законот, е разумен син, а кој се дружи со расипници, го срами татко си.
8ⓤКој го умножува имотот свој преку камата и лихварство, тој го собира за добротворецот на сиромасите.
9ⓥКој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна.
10ⓦКој ги упатува праведните кон патот на злото, сам ќе падне во јамата своја, а непорочните ќе наследат добро.
11ⓧБогатиот човек самиот се смета за мудрец, но умен сиромав ќе го разобличи.
12ⓨКога праведници победуваат, голема е славата, но кога безбожниците се издигаат, луѓе гинат.
13ⓩКој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се кае и ги остава, ќе биде помилуван.
14ⓐБлажен е оној човек, кој секогаш се бои; а кој го ожесточува срцето свое, ќе падне во неволја.
15ⓑЛав што рика и мечка гладна, тоа е безбожниот властодржец над беден народ.
16ⓒНеразумен управител врши многу угнетувања, а кој го мрази користољубието, ќе има долги дни.
17ⓓЧовекот, виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб, за да не го фати некој.
18ⓔКој оди непорочно, ќе биде неповреден; а кој оди по криви патишта, ќе падне на еден од нив.
19ⓕКој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб, а кој е мрзлив и не работи, ќе се насити со сиромаштија.
20ⓖВерен човек ќе биде многу благословуван, а кој брза да се збогати, не останува без казна.
21ⓗНе е добро да се биде лицемерен: таков човек и за парче леб ќе изврши неправда.
22ⓘЗавидлив човек брза кон богатството и не мисли дека сиромаштијата ќе го стигне.
23ⓙКој разобличува човек, отпосле ќе најде поголема благонаклоност, отколку оној што му ласка со јазикот.
24ⓚКој го краде татко си и мајка си и вели: „Тоа не е грев“, тој им е соучесник на грабителите.
25ⓛГорделивиот предизвикува караници, а кој се надева на Господ, ќе преуспее.
26ⓜКој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен.
27ⓝКој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван.
28ⓞКога безбожните се издигаат, луѓето се кријат, а кога паѓаат, праведниците се умножуваат.