Исаија 13:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Пророштво за Вавилон, што го изрече Исаија, синот на Амоц.

2„Кренете знаме на гола планина, издигнете глас, мавнете им со рака да навлезат низ кнезовските порти.

3Јас им дадов повелба на Моите избраници и ги повикав да го исполнат гневот Мој Моите јунаци, кои се радуваат на величието Мое.

4Голем шум има по планините, како божем од многуброен народ, бунтовен шум на царства и народи, собрани заедно, Господ Саваот ја прегледува готовата војска за војна.

5Идат од далечна страна, од крајот на небото, Господ и орудијата на Неговиот гнев, за да ја сотрат целата земја.

6Липајте, зашто денот Господов е близу, — иде како разурнувачка сила од Семоќниот.

7Затоа рацете на сите ќе папсаат, срцето на секој човек ќе се стопи.

8Тие ќе се исплашат, грчеви и болки ќе ги опфатат; ќе се мачат како родилка, зашеметени ќе гледаат едни во други, лицата ќе им пламнат.

9Ете, денот Господов доаѓа лут, со гнев и пламната јарост, за да ја прет­вори земјата во пустина и да ги истреби од неа грешниците нејзини.

10Ѕвездите небески и светилата нема да даваат од себеси светлина; сонцето ќе се замрачува при изгревањето свое; и месечината нема да свети со светлината своја.

11Јас ќе го казнам светот за злото, и нечесните — за нивните беззаконија; ќе го премавнам високоумството на гор­дите и ќе ја понизам надуеноста на уг­нетувачите;

12ќе направам така, што луѓето да бидат поретки од чисто злато, а мажите — поретки од офирско злато.

13Затоа ќе го затресам небото, земјата ќе се помести од местото свое поради јароста на Господ Саваот, во денот на пламнатиот гнев Негов.

14Тогаш секој како подгонета срна и како напуштена овца ќе се врати кон народот свој, секој ќе избега во земјата своја.

15Кого ќе го стасаат, ќе биде прободен; и кого ќе го фатат, ќе загине од меч.

16Новороденчињата нивни ќе бидат смачкани пред очите нивни; куќите нивни ќе бидат разграбени, и жените нивни обесчестени.

17Ете, Јас ќе ги кренам против нив Мидијците, кои не го ценат среброто и не лакомат за злато.

18Нивни лакови ќе ги поразат младите и нема да сожалат ни плод во утроба; очите нивни нема да се смилуваат над децата.

19И Вавилон, украсот на царствата, гордоста на Халдејците, ќе биде со­борен од Бога, како Содом и Гомора,

20нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арапин да го распне шаторот свој, ов­чари таму со стадата свои нема да пладнуваат.

21Но во него ќе живеат ѕверови; бувови ќе се населат во нивните домови, и јарци ќе потскокнуваат и ќе играат.

22Чакали ќе вијат во дворците нивни и хиени во домовите за веселба. А ќе дојде неговото време, близу е, деновите негови нема да задоцнат.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>