Исаија 19:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1ⓨПророштво за Египет. Ете, Господ ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски, а срцето на Египет ќе се стопи во Него.

2ⓩЌе вооружам Египќани против Египќани, — и ќе се бијат брат против брат и пријател против пријател, град со град, царство со царство.

3ⓐДухот на Египет ќе изнемошти во него, ќе ги разруши намерите негови, — и ќе прибегнат тие кон идоли и маѓес­ници, кон оние што повикуваат мртовци и кон бајачи.

4Ќе ги предадам Египќаните во ра­цете на жесток владетел, свиреп цар ќе владее над нив, — вели Господ Бог Саваот.

5ⓑИ водите во морето ќе исчезнат, реката ќе секне и ќе пресуши;

6реките ќе намалат, каналите еги­петски ќе станат малуводни и ќе се исушат; рогозината и трската ќе овенат.

7ⓒНивите крај реката, по бреговите на реката, и сѐ што е посеано крај реката — ќе се исуши, ќе биде развеано и ќе ис­чезне.

8ⓓИ ќе заплачат рибари, ќе викаат сите што фрлаат јадици во реката, што поставуваат мрежа во водата, сите ќе бидат очајни;

9ќе се вознемират оние, што обра­ботуваат лен и што ткаат бели платна;

10мрежите ќе бидат скинати, и сите што држат рибници за жива риба — ќе паднат со духот.

11ⓔДа! Се избезумија кнезовите цоан­ски; советот на мудрите фараонови советници стана безумен. Како ќе му кажете на фараонот: „Јас сум син на мудреците, син на древните цареви?“

12ⓕКаде се тие? Каде се твоите мудре­ци? Нека ти кажат тие сега; нека до­знаат што определил Господ Сава­от за Египет?

13ⓖСе избезумија кнезовите цоански; се измамија кнезовите на Мемфис, го заведоа Египет водачите на неговите пле­миња.

14ⓗГоспод спроведе во нив зашеметен дух, — го доведоа Египет во заблуда во сите негови дела, како пијан кога повраќа.

15ⓘИ нема да има во Египет такво де­ло, кое би можеле да го извршат главата и опашката, палмата и трската.

16ⓙВо оној ден Египќаните ќе бидат како жени; ќе затреперат и ќе се упла­шат од движењето на раката на Господ Саваот, што Тој ќе ја крене против нив.

17Земјата Јудина ќе стане ужас за Египет, кој се сеќава на неа, тој ќе затрепери од решението на Господ Саваот, што го определил Тој за него.

18ⓚВо оној ден пет града во египетската земја ќе говорат на ханански јазик, и ќе се колнат во Господ Саваот; едниот ќе се нарече град на сонцето.

19Во оној ден ќе има жртвеник на Господ среде египетската земја и спо­меник на Господ — во нејзините предели.

20ⓛТој ќе биде знак и сведоштво за Господ Саваот во египетската земја, зашто тие ќе викаат кон Господ од угнетувачите, и Тој ќе им донесе спасител и застапник, и ќе ги спаси.

21ⓜИ Господ сам ќе се јави во Египет; во тој ден Египќаните ќе Го познаат Господа и ќе принесат жртви и дарови, ќе Му дадат ветувања на Господ и ќе ги исполнат.

22ⓝИ ќе го порази Господ Египет — ќе го порази и ќе го исцели: тие ќе се обратат кон Господ — и Тој ќе ги чуе и ќе ги исцели.

23Во тој ден ќе има широк пат од Египет до Асирија; и Ашур ќе доаѓа во Египет и Египќани во Асирија; и Егип­ќани заедно со Асирците ќе Му служат на Господ.

24ⓞВо оној ден Израел ќе биде трет со Египет и со Асирија; благослов ќе има на земјата,

25ⓟкоја Господ Саваот ќе ја благосло­ви, велејќи: „Благословен да е Мојот народ — Египќаните, делото на рацете Мои — Асирците, и наследството Мое — Израел.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>