1ⓑПророштво за Тир. — Плачете бродови на Тарсис, зашто тој е разрушен: нема куќи и нема кој да влегува во куќите. Тоа им беше соопштено на враќање од земјата Китим.
2ⓒМолкнете жители на крајбрежјето, што го полнеа сидонските трговци, пловејќи по море.
3ⓓПо големи води се пренесуваат во него житата на Шихор, жетвата на големата река; тој беше пазариште на народите.
4ⓔЗасрами се, Сидоне: зашто, еве што вели морето, морската тврдина: не сум се мачела со родилни маки и не сум раѓала, не сум одгледувала момци, ниту израснувала моми.
5ⓕКога ќе стигне веста до Египќаните, тие ќе затреперат штом ќе чујат за Тир.
6Преселувајте се во Тарсис, плачете, жители на приморјето!
7ⓖТоа ли е вашиот град кој ликува, чиј почеток е од древните дни? Нозете негови го носеа, да се скита далеку во туѓина.
8ⓗКој го одреди тоа за Тир, што раздаваше венци, чии купувачи беа кнезови, а трговците негови — најпрочуени во земјата?
9ⓘГоспод Саваот го одреди тоа, за да посрами секоја горда слава, за да ги понизи сите најпрочуени во земјата.
10Оди по земјата своја, таршишка ќерко, како реката: нема повеќе пречки[2].
11ⓙТој протегна рака врз морето, затресе царства; Господ додаде повелба за Ханан — да ги разруши тврдините негови,
12ⓚи рече: „Нема повеќе да ликуваш, посрамена девице, ќерко сидонска, оди во Китим, но и таму нема да имаш мир.“
13ⓛЕте ја земјата на Халдејците. Тој народ постојано го немаше; Ашур му стави почеток од пустински жители. Тие ги издигаа кулите свои, ги соборуваа дворците негови, го претворија во урнатини.
14Плачете, кораби таршишки, зашто вашата тврдина е разрушена.
15ⓜИ во тој ден ќе го заборават Тир за седумдесет години, колку што се деновите на еден цар. А по седумдесет години ќе се пее за Тир, како што се пее за блудница:
16„Земи харфа, тргни по градот, блуднице заборавена! Свири убаво, пеј многу песни за да се сеќаваат на тебе.“
17ⓝИ ете, по седумдесет години Господ ќе го посети Тир; и тој пак ќе ја добива печалбата своја и ќе блудствува со сите земни царства по целата вселена.
18ⓞНо трговијата негова и печалбата му ќе бидат посветувани на Господ; нема да бидат затворени и натрупани во складови, зашто печалбата од трговијата негова ќе преминува на оние што живеат пред лицето на Господ, за да јадат до наситување и да имаат трајни облеки.