Исаија 26:1-21 MKDB2006 - Bible AI

1Во тој ден ќе биде испеана во земјата Јудина оваа песна: „Гра­дот ни е јак, место ѕидини и опкопи Бог ни даде спасение.

2Отворете ги портите; нека влезе праведниот народ, кој ја пази вистината.

3Цврстиот по дух Ти го пазиш во совршен мир, зашто на Тебе се надева.

4Надевајте се на Господ засекогаш, зашто Господ Бог е вечната тврдина;

5Тој ги собори оние, што живееја на високо; градот, што стоеше високо го собори, го кутна на земја, го фрли во прав.

6Нога го гази, нозете на сиромавиот, стапките на бедните.“

7Патот на праведниот е прав; Ти ја израмнуваш неговата патека.

8На патот на Твоите судови, Гос­поди, ние на Тебе се надеваме; душата наша се стреми кон Твоето име и кон спо­менот за Тебе.

9Со душата своја се стремиме кон Тебе ноќе, и со духот свој ќе Те бараме искрено од рани зори; зашто, кога Твоите пресуди се извршуваат на земјата, тогаш жителите на светот се учат на правда.

10Ако нечесен биде помилуван, тој нема да се научи на правда, ќе злодеј­ствува во земјата на праведните и нема да погледне на величието Господово.

11Господи! Раката Твоја беше високо крената, но тие не ја видоа; ќе видат и ќе се посрамат оние, што го мразат Твојот народ; оган ќе ги голтне Твоите непријатели.

12Господи! Ти ни даруваш мир, зашто и сите наши дела Ти ги уредуваш за нас.

13Господи, Боже наш! Други господари, освен Тебе, владееле над нас; но само преку Тебе ние го славиме Твоето име.

14Мртвите нема да оживеат; нивните сенки нема да станат, зашто Ти ги каз­ни и истреби, го уништи секој спомен за нив.

15Ти го намножи народот, Господи, го намножи народот. Се прослави Себе Си, ги рашири сите земни граници.

16Господи, кога беа во беда, тие Те бараа; изливаа тивки молитви, кога ги стигнуваше Твојата казна.

17Како трудна жена, кога ќе раѓа, се мачи, вика од болки, така бевме ние пред Тебе, Господи.

18Бевме трудни, се мачевме, но ро­дивме само ветар; спасение не ѝ доне­совме на земјата, и други жители во вселената не се појавија.

19Твоите мртовци ќе оживеат, мрт­вите тела ќе воскреснат! Разбу­дете се и ликувајте вие, соборените во прав; за­што Твојата роса е роса на светлина, и земјата ќе ги даде мртовците.

20Ајде народе Мој, влези во покоите свои и затвори ги зад себе вратите свои, сокри се за миг, додека да мине гневот;

21зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жи­телите земни за нивното беззаконие, и земјата ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>