Исаија 27:1-13 MKDB2006 - Bible AI

1Во тој ден Господ ќе го порази со Својот тежок, со Својот го­лем и јак меч левијатанот — змејот што лета, левијатанот — лукавата зми­ја и ќе го убие морското чудовиште.

2Во тој ден запејте за Него — за сака­ното лозје!

3Јас, Господ, сум негов чувар, во секој миг го напојувам; ноќе и дење го вардам, за да не влезе некој во него.

4Гнев нема во Мене. Но ако Ми покаже трње и боцки, ќе кренам против него војна, ќе го изгорам сосема,

5освен, ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене.

6Во идните дни Јаков ќе се вкорени; Израел ќе пушти гранки и ќе расцути; и вселената ќе се исполни со плодови.

7Така ли го поразуваше Тој, како што ги поразуваше оние, кои него го поразуваа? Така ли ги убиваше, како што се убивани оние, кои него го убиваа?

8Со мерка го казнуваше Ти, кога го отфрлаше; го разнесуваше со силниот Свој здив, како во ден на источен ветар.

9И преку тоа ќе се избрише беззаконието на Јаков; а плод од тоа ќе биде: ќе се симне гревот од него, кога сите камења од жртвениците ќе ги претвори во грутка вар, нема повеќе да стрчат идолите на Ашера и идолите на сонцето.

10Зашто утврдениот град запусте, живеалиштата се напуштени и зафрлени како пустина. Таму пасат телиња, таму лежат и ќе ги подјадуваат гран­чињата негови.

11Кога гранките ќе му се исушат, ќе ги искршат; ќе дојдат жени и ќе ги изгорат. Бидејќи тој народ е неразумен, Творецот негов нема да го сожали, Создателот нема да го помилува.

12Но во тој ден Господ ќе растресе сѐ од големата река до потокот египетски, а вие, синовите Израелови, ќе бидете собрани еден по еден;

13во тој ден ќе затруби голема труба, и ќе дојдат оние што се загубиле во асирската земја и прогонетите во еги­петската земја и ќе Му се поклонат на Господ на светата гора во Ерусалим.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>