Исаија 30:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1Тешко им на непокорните синови, вели Господ, кои се советуваат, но без Мене, и склучуваат со­јузи, но не според Мојот дух, за да дода­ваат грев врз грев:

2а да не ја прашаат устата Моја, одат во Египет, за да се поткрепуваат со силата на фараонот и да се сокријат под сенката на Египет.

3Но силата фараонова ќе биде срам за вас, а засолништето под сенката на Египет — бесчестие;

4зашто кнезовите негови веќе се во Цоан, а гласниците негови стигнале до Ханес.

5Сите тие ќе бидат посрамени заради народот, кој е бескорисен за нив; од него нема да има ни помош, ни корист, туку — срам и подбив.

6Пророштво за животните од Негев: натоварени животни одат кон југ, по земјата на маката и бедата, од каде што излегуваат лавови и лавици, змии и змејови што летаат; тие ги носат на грбот на магарињата своите богатства и врз грбовите на камилите — своите ризници кон народ, кој нема да им донесе полза.

7Зашто помошта од Египет ќе биде залудна и без корист; затоа Јас ги нареков: „Неподвижната Рахав“[6].

8Сега оди, напиши им го тоа на штичка, и запиши го во книга, за да остане за во иднина, засекогаш и довека.

9Зашто тоа е народ непокорен, деца лажливи, деца, кои не сакаат да го слушаат законот Господов,

10кои им говорат на јасновидците: „Престанете да предвидувате“, и на пророците: „Не ни пророкувајте правда, говорете ни ласкаво, претскажувајте го она што ни е пријатно;

11слезете, тргнете се од патеката; отстранете го од очите наши Светецот Израелов.“

12Затоа вака вели Светецот Изра­елов: бидејќи вие го отфрливте тоа сло­во, а се надевате на измама и неправда, и се потпирате на нив,

13затоа ова беззаконие ќе биде за вас како пукнатина надвисната за да падне, чие уривање ќе стане ненадејно, во еден миг.

14И уривањето ќе биде како кршење на глинен сад, разбиен немилосрдно, така што во кршот не ќе се најде ни парченце, со кое би се земал оган од огниште, или би се зафатила вода од вир.

15Зашто вака вели Господ Бог, Све­тецот Израелов: „Ако останевте на мес­тото и мирувавте, ќе се спасевте; во кротката надеж е вашата сила, но вие не сакавте

16и велевте: ‚не, ние ќе избегаме на коњи‘, — затоа и ќе бегате; ‚ние со брзи коњи ќе избегаме‘ — затоа и оние што ве гонат, ќе бидат брзи.

17Од стравот на еден илјада ќе бегате, од стравот на петмина ќе бегате, така што вашиот остаток ќе биде како колец на врв од планина и како знаме на рид.“

18И затоа Господ чека да ве помилува и желно гледа за да се смили над вас; зашто Господ е Бог на правдата — бла­жени се сите што се надеваат на Него!

19Народе што живееш во Сион, во Ерусалим; ти нема уште долго да плачеш; Бог ќе те помилува, по гласот на твојот плач, и штом ќе го чуе, ќе ти одговори.

20И ќе ви даде Господ леб, кога сте во мака и вода по потреба; твојот Учител нема повеќе да се крие, очите твои ќе Го гледаат твојот Учител;

21ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат сло­вото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!

22Тогаш ќе ги сметаш за одвратност излиените од твое сребро идоли и опковани од твое злато кипови; ти ќе ги фрлиш како нечистотија; ќе им речеш — иставете се оттука.

23И Тој ќе даде дожд врз твоето семе, со кое ќе ги засееш нивите, и лебот, што го раѓа земјата, ќе биде изобилен и вкусен; стадата твои во тој ден ќе пасат по широки пасишта.

24Воловите и магарињата, што ги обработуваат нивните, ќе јадат посолена крма, исчистена со лопата и веалка.

25По секоја висока гора и по секој издигнат рид ќе потечат бразди, потоци вода, во денот на големиот пораз, кога ќе паднат кулите.

26И светлината на месечината ќе биде како светлина на сонцето, а светлината на сонцето ќе биде седумпати посветла, колку светлина на седум дена, во тој ден, кога Господ ќе ја преврзе раната на Својот народ и ќе ги излекува неговите рани.

27Ете, името на Господ иде оддалеку; гневот Негов гори, пламенот Негов е силен; устата Негова е полна со негодување, а јазикот Негов е како оган, што голта;

28дишењето Негово е како надојдена река, која се крева дури до вратот, за да ги просее народите до истоштување; и во челустите на народите да им стави узда која ќе ги заведува.

29А кај вас ќе има песни, како во празнични ноќи, и веселба во срцето, како кај оној што оди со свирка на гората Господова, кон карпата Израелова.

30И ќе загрми Господ со Својот величествен глас и ќе им го покаже за­мавот на Својата рака со силен гнев и со пламен огнен, кој сѐ проголтува, во бура, во силен дожд и во град.

31Зашто од гласот на Господ ќе стрепне Ашур, удрен со палка.

32И секој со казнената палка со која Господ ќе го удри, ќе биде со тимпани и харфи, и Тој ќе оди во опустошувачка војна против него.

33Зашто Тофет[7] веќе одамна е подготвен; тој е подготвен и за царот — длабок и широк; во кладата негова има многу оган и дрва; здивот на Господ, како поток од сулфур, ќе го запали.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>