Исаија 31:1-9 MKDB2006 - Bible AI

1Тешко им на оние што одат во Египет за помош: кои се надеваат на коњи и се потпираат на бојни коли, зашто биле многу, и на коњаници, зашто биле многу силни, а на Светецот Израелов не погледнуваат и кон Господ не прибегнуваат!

2Но и Тој е мудар: ќе испрати неволја, и нема да ги порекне зборовите Свои; ќе се крене против домот на не­чесните и против помошниците на оние што вршат беззаконие.

3Египќаните се луѓе, а не Бог; и коњите нивни им се тело, а не дух. Ќе ја протегне раката Своја Господ, и ќе се сопне заштитникот, ќе падне заштитуваниот и сите заедно ќе загинат.

4Зашто вака им рече Господ: „Како лав, како лавче, кое рика над пленот свој, макар и многу овчари да му викаат, од викањето нивно нема ни да трепне и пред нивното множество нема да отстапи, — така Господ Саваот ќе слезе да војува за гората Сион и за нејзиниот рид.

5Како птиците — пиленцата, така Господ Саваот ќе го покрие Ерусалим, ќе го заштити и ќе го избави, ќе го сожали и ќе го спаси.“

6Обратете се кон Оној, од Кого толку сте отстапиле, синови Израелови!

7Во тој ден секој човек ќе ги отфрли своите сребрени и златни идоли, што рацете ваши ги направија вам за грев.

8И Ашур ќе падне не од човечки меч, нема човечки меч да го премавне, тој ќе избега од мечот, но младината негова ќе плаќа данок.

9И од страв тој ќе избега од тврдината своја; кнезовите негови исплашени ќе го напуштат своето знаме, вели Господ, чиј оган е на Сион, а огништето — во Ерусалим.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>